Здравје Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Здравје: Кардиоваскуларните болести се убиец број еден во светот, како да го заштитите срцето?

Охрид, 29. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Секој 29-ти септември се одбележува Светскиот ден на срцето, во време кога кардиоваскуларните болести остануваат убиец број еден во светот. Од нив умираат повеќе луѓе отколку од сите форми на рак и хронични заболувања на долниот респираторен тракт заедно.

Глобален предизвик: Кардиоваскуларните болести секоја година одземаат повеќе од 20,5 милиони животи

Кардиоваскуларните болести, вклучувајќи срцев удар, мозочен удар и срцева слабост, одземаат повеќе од 20,5 милиони животи секоја година. Затоа Светската федерација за кардиологија годинава покрена иницијатива која повикува на потпишување петиција за усвојување акционен план за борба против овие болести. Целта е да се соберат еден милион потписи и да се претстават на состанокот на Обединетите нации за незаразни болести во 2025 година, за да се поттикнат светските лидери да преземат решителна акција.

Што можеме да направиме за да го заштитиме нашето срце?

Добрата вест е дека повеќето кардиоваскуларни болести може да се спречат со избегнување на факторите на ризик како што се пушењето, лошата исхрана, недостатокот на физичка активност и прекумерното консумирање алкохол. Главните препораки за одржување на здравјето на срцето вклучуваат:

– јадете здраво и балансирано
– вежбајте редовно и останете физички активни
– одржувајтесоодветна телесна тежина
– престанете да пушите и избегнувајте чад од тутун
– редовно следете го вашиот крвен притисок, холестерол и шеќер во крвта

Кардиоваскуларните заболувања вклучуваат различни болести кои влијаат на срцето и крвните садови, а се предизвикани од комбинација на фактори на однесување, социо-економски и еколошки фактори. Меѓу најчестите причини се неправилната исхрана, употребата на тутун, физичката неактивност, штетната употреба на алкохол, загадениот воздух и високиот крвен притисок и холестерол. Има и генетски фактори како семејната историја, но и возраста, полот и етничката припадност кои исто така можат да играат улога.

Најчести кардиоваскуларни заболувања: коронарна срцева болест и мозочен удар

Коронарната срцева болест и миокарден инфаркт (срцев удар) се најчестите типови на кардиоваскуларни болести, додека мозочниот удар е исто така голем ризик. Хипертензијата (висок крвен притисок) често е посебна болест, но исто така е значаен фактор на ризик за развој на други кардиоваскуларни состојби.

Сето ова не потсетува на важноста на здравите животни навики и превентивните мерки што секој од нас може да ги преземе за да го заштити своето срце и здравјето воопшто. (Крај)

извор: index.hr фото: index.hr

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука