Избор Охрид

Православните верници денеска со стог пост го одбележуваат празникот Крстовден

Охрид, 27.септември 2015 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денеска го одбележуваат празникот Воздвижение на чесниот крст или Крстовден.

Ова е празник во чест на наоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос.

Овој настан и се припишува на царицата Елена, мајката на цар Константин, основоположникот на Цариград (Константинопол).

Обиколувајќи ја Светата Земја, Светата царица Елена намислила да го побара Чесниот Крст Христов. Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен го знаел местото каде што се наоѓал Крстот, па приморан од царицата изјавил дека Крстот е закопан под храмот на Венера, кој бил подигнат на Голгота од царот Адријан. Царицата наредила и го разурнале тој идолски храм, па копајќи во дабочина нашле три крста.

Додека царицата била во недоумие како да го распознае Крстот Христов, покрај тоа место поминувала поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рекол да ги ставаат крстовите на мртовецот со ред, еден по еден. Кога ги ставиле првиот и вториот крст, мртовецот лежел непроменето. А кога го ставиле на него и третиот крст, мртовецот оживеал. По тоа познале дека тоа е чесниот и животворен Крст Христов. Потоа го ставиле и на една болна жена и жената оздравела. Тогаш патријархот го воздигнал Крстот, сиот народ да го види а народот со солзи пеел: „Господи помилуј!”

Царицата Елена направила ковчег од сребро и во него го положила Чесниот Крст. Подоцна царот Хозрој, освојувајќи го Ерусалим, одвел многу народ во ропство и го однесол Крстот Господов во Персија. Во Персија Крстот лежел 14 години.

Во 628 година грчкиот цар Ираклиј го победил Хозроја и со слава го повратил Крстот во Ерусалим. Влегувајќи во градот, царот Ираклиј го носел Крстот на својот грб. Но одеднаш
царот застанал и не можел ни чекор да направи. Патријархот Захарија го видел ангелот кој му попречувал на царот во раскошната царска облека да оди под Крстот и тоа по оној пат по кој одел Господ бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објавил на царот. Тогаш царот се соблекол, па во бедна облека и босоног го зел Крстот, го изнесол на Голгота и го положил во
храмот на Воскресението, на радост и на утеха на целиот христијански свет.

Верниците го одбележуваат празникот Крстовден со строг пост. (Крај)

извор:ОхридПрес фото:архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави