Избор Охрид

До крајот на годинава ќе отпочне санацијата на потпорниот ѕид позади Куќата на Робевци

Охрид, 27.септември 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во завршна фаза се проектите за конзервација и реставрација на фасадите на два објекти во Охрид, Куќата на фамилијата Ѓурчинови и објектот „Магаза“ којшто се наоѓа во охридската чаршија, наспроти чинарот.

Според директорката на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид, Тања Паскали-Бунташеска, зафатите врз овие куќи се очекува да завршат за околу две седмици, а до крајот на годината се предвидени и други проекти кои имаат цел да го заштитат и сочуваат културно-историското наследство.

– Во секој момент ќе отпочне конзервацијата и реставрацијата на фасадата на објектот каде што се наоѓа Радио Охрид и на Куќата на Димзови, а ќе се отпочне и со изведба на потпорниот ѕид позади Куќата на Робевци каде во 2008 година се сруши дел од него. Мораме да го заштитиме тој простор, како и музејскиот комплекс Робевци, но и куќите коишто се наоѓаат над дворното место на Куќата на Робевци, најавува Паскали-Бунташеска.

Како што појаснува таа, континуирано се работи и на валоризацијата и ревалоризацијата на одредени објекти, но и на збирките од движното културно наследство.

-До крајот на годината, за Охрид и Струга, за профана и сакрална архитектура ќе биде завршено речиси целата валоризација и ревалоризација и останува уште да се изврши валоризација и ревалоризација на археолошките локалитети. Направени се елаборати за валоризација на збирката на икони, збирката на стари ракописи, на историската збирка, збирката на златни предмети во Охрид, збирката на етнолошки предмети, збирката на партизански споменици, збирката монети од локалитетот Самоилова Тврдина… До крајот на следната година планираме да завршиме со изработка на елаборатите за сите збирки, вели директорката на Охридскиот Завод и Музеј.

Освен тоа, и годинава непрекинато се одвиваше реновирањето на постоечките депоа во кои се чуваат музејските предмети кое, според најавите на директорката, ќе продолжи и во текот на наредната година.

Посетеноста на објектите под капата на Заводот и Музеј, според Паскали-Бунташеска, и годинава е на задоволително нив. Зголемена е посетеноста во Куќата на Робевци, во Галеријата на икони, како и на Самоиловата тврдина. Музејот на вода, вели таа, како и секоја година си има стандардна посетеност. (Крај)

извор:ОхридПрес фото:ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука