Македонија

Започна обуката за првите македонски сомелиери

Скопје, 29. септември 2015 (ОХРИДПРЕС) – Со здравица за добредојде и чаша пенливо вино, вчера се означи успешниот почеток на обуката за сомелиери која цела седмица ќе се одржува во ресторанот Воденица, а е во организација на Македонското сомелиерско здружение.

-Драго ми е што сум во Македонија и што можам да помогнам во создавање на сомелиерската професија овде. Македонија има голем вински потенцијал и секако и се потребни едуцирани професионалци кои ќе ја шират винската култура. Интересот е голем а ентузијазмот што го видов денес најавува позитивни промени на винската и угостителска сцена, изјави Роберто Белини, предавач на обуката и потпретседател на AIS (Associazione Italiana Sommelier).

Група од 12 кандидати ќе биде првата генерација сертифицирани македонски сомелиери кои ќе ги изучуваат тајните на виното според програмата на AIS. Денешната програма од обуката се состоеше од потенцирање на улогата и задачите на сомелиерот, професионален вински сервис и протокол, предавање за лозарство, видови почви и климатски услови. Во вториот дел се изведуваа практични вежби на сензорна евалуација преку дегустирање на повеќе стилови македонски и странски вина во една интерактивна атмосфера.

– Сомелиерството насекаде е ценета и барана професија која што помага во зацврстување на врската помеѓу винариите и нивните потрошувачи и верувам дека и идните македонски сомелиери ќе придонесат кон градење на таа врска, вели Александар Вучковски, претседател на Здружението на сомелиери на Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави