Охрид, 23. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во врска со видливите оштетувања на делови од надворешната ограда на дворот, известен е надзорот и тие се одговорни за квалитетот и понатамошната работа, изјави за Супер радио и OhridPress Светлана Велкоска, директорка на ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид.
По вчерашниот напис на OhridPress за состојбата во која се наоѓа дворот на гимназијата, кој се средува подолг период наназад, Велкоска вели дека останува уште да се постават корпите за отпад, да стигнат клупите и да се постави оградата на игралиштето.
– Друго сѐ е завршено, заедно со хортикултурното уредување, а треба да се постават и фонтаните на влезот. Инаку инсталацијата и електриката се поставени, обележани се патеката, паркинг местата и спортскиот терен, вели Велкоска.
Што се однесува до внатрешноста на гимназијата, таа додава дека сега се работи на струјата и дека зафатот е во трета фаза и продолжуваат со реконструкцијата.
– Почнуваме од покривот и другите работи што се најавени. Во внатрешноста на објектот веќе имаме видео надзор, а ќе биде поставен и надвор, изјави Велкоска.
Охридската Гимназија е заштитена како споменик на културата и сите зафати и тендери се со А лиценца. Во таа насока, од Завод и Музеј Охрид, како и од Управата за заштита на културното наследство е дозволено Гимназијата да работи и како културен споменик во текот на цела година, ќе биде отворена за посетители, па ќе влезе и во туристичката мапа на Охрид, а во објектот ќе може да се реализираат и изложби, мини концерти и промоции. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес