News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 29, 2024

Охрид, 12. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.

Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект. News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...Шо немавме, шо имаме

Ко бевме деца, знаевме да се радвиме на мали работи. Ко ќе се потсетам сега се мали работи ама тогаш беа големи. Се радвевме ако комшите не’ викнеја да гледаме к’ј нив телевизија. Тогаш сите немавме телевизори и да гледаш телевизија беше настан. Ко го купивме првиот телевизор (црно бел) ги викнавме сите комши и роднини на частејне. Гледавме само прва програма. Врв беше ко излегоја првите телевизори во боја и секој не можеше да купит. По некое време се воведе и втората програма ама отпрвин сите не можеја да ја гледет. Одевме да опитвиме и да видиме к’ј тие шо имет на која стрна е свртена антената (кон Галичица, кон Мали Влај), на кој канал вртет.

Телефони немаше во сите куќи. Првите телефони во градов беја поставени к’ј поважните локални функционери, директори и главно во центарот на градов. Успех беше да добијаш телефон и то двојник(иста линија со комшијата- ако тој зборвит на телефон, ти ќе чекаш да завршит со муабетот за ти да се јавиш некаде). Ко ќе се монтираше телефонот, се јавјавме по сите пријатели да го кажиме бројот и да го запишет. Ако имаш свој луѓе во другиве градој, се вардиш да звониш зато шо за друг град се плашчаше појке.

Едно време дојде криза со благо млеко. То беше времето ко млекото почна да се продават во пластични најлончина. (После во тие најлончина мајките редеја сува зимница и ги редеја во замрзивачи – кој шо имаше).Станвевме сабајле, да фатиме ред пред дуќанот и шом дојдеше млекото продавачот ни даваше по едно на сите шо чекет. Ако имаше за сите,повторно се праеше ред и земавме ушче по едно. Дома си ојш радосен, си нашол млеко.

Некаде околу осумдесеттите години дојде криза за кафе и прашак. Јас бев војска во Самобор, Хрватска. Ко ќе идав на одсуство, заставникот (наш Македонец) ќе ме тореше со кафе и прашак за да однесам по негојте роднини во Македонија. Не знам з’шчо ама во Хрватска имаше све или така мене ми се чинеше. K’ј нас кој ќе начекаше кафе, од радост тој ден ги канеше комшите на кафе, чоеков успеал да најт кафе.

Некое време дојде криза со бензин. Повозрасниве памтет, ко ќе дојдеше бензин на бензиската Билјанини извори, редицата коли почвеше од првите офицерски згради. Едно време се воведе систем за возејне коли пар-непар. Ако регистрацијата завршвит на парен број возиш понеделник, среда, петок, ако е на непарен возиш вторник, четврток, с’бота. Ти си среќен ако комшијата имат друга регистрација и мојш да ојш на работа. Тогаш во колите насабајле можеше да видиш по три-четворица вн’тре како одет заедно. Денеска секој сам ојт на работа а гледам веќе на запад почвет коливе сами да одет-без шофер.

Во градов, првите мангупи беја тие шо носеја фармерки, другите носевме штофени пантоли. Се организираја групи и одеја Италија да купвет фармерки. Ко бевме Скопје ова беше полесно. Се качвиш на воз и тераш право до Трст. Ти си радосен ако најш некој шо ти продал фармерки купени во Трст. (Ми теквит на фармерките Levi Strauss (Levi’s), Super Rifle).

Имаше одредена група во градов кој беја познати по то шо тие ги купвеја првите странски плочи со најголеми хитој. Како ги купвеја, од к’ј ги носеја тие знаеја. Ако се праеше журка кај некого тие со плочите беја главни. Ушче ако имаш грамофон ти си главен во градов.

Муабетов ми е дека и порано немаја сите исто, ги немавме сите удобства ко денеска ама со то шо го имавме бевме задоволни или така ми се чинит дека бевме млади и не знаевме ногу работи.

објавил Ѓорги Љатко

Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Ljupco Markoski/Охрид Слики од минатото

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука