Првиот снег во Дебрца, селото Велмеј утрово (Фото)
ноември 30, 2024

Охрид/Белчишта, 30. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Утрово падна првиот снег во поширокиот регион на Охрид. Според фотографиите од селото Велмеј во Општина Дебрца, објавени на социјалните мрежи, снежната покривка е со височина од неколку сантиметри.

Во пресрет на најавите за снег, екипите на Јавното претпријатие за комунални дејности – Дебрца ги информираа жителите на Дебрца дека се целосно подготвени за справување со снегот кој беше најавен за викендов.

– Сите потребни ресурси, вклучувајќи механизација, и работни тимови, се подготвени и на располагање за брзо и ефективно чистење на снегот на локалните патишта и улици, информираат од ЈПКД Дебрца и апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да ги почитуваат сообраќајните прописи, како и да ја прилагодат брзината на возење во зависност од временските услови.

За сите проблеми и итни ситуации, граѓаните можат да се обратат на телефонскиот број 075/458-739.

Во регионот на Охрид денес се очекува претежно облачно и постудено време со повремени врнежи од дожд и снег, кои во западните и јужните делови ќе бидат поројни и обилни (над 50 л/м2). Ќе дува слаб ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до 4 степени.

– Денес и утре ќе има повремени врнежи, кои во западните и јужните делови ќе бидат поројни и обилни (над 60 l/m2). На планините врнежите ќе бидат од снег од 40 до 50 см, на повисоките места од 10 до 30 см, а во некои пониски места од дожд и снег и ќе се формира помала снежна покривка. Во југоисточните делови ќе бидат само од дожд. Ќе дува умерен, а на планините силен северен ветер. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно со магла по одделни котлини, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Straso Avramoski

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука