Избор Охрид

Обилните дождови во охридскиот регион поплавија 37 домаќинства

Охрид, 12. октомври 2015 (ОХРИДПРЕС) – Обилните врнежи што го зафатија охридскиот регион изминатиот викенд предизвикаа поголеми штети, не само на земјоделските посеви, туку и во куќите на граѓаните.

Според вчерашниот увид што го направи посебно формираната општинска комисија и според пријавите на граѓаните, засега се регистирани 37 домаќинства кои беа зафатени со поплавите.

Одговорните во Општина Охрид напоменуваат дека доколку се уште има граѓани кои биле поплавени, а комисијата не успеала да изврши увид, тоа можат да го пријават.

– Доколку граѓаните пријават онаму каде што можеби ние не стигнавме или не сме направиле увид, тоа ќе го направиме во текот на наредните денови што значи дека сите граѓани кои беа погодени од невремето ќе бидат евидентирани, ќе биде направена проценка на штетите во наредните денови и сите ќе бидат обештетени, истакнаа од Општина Охрид при денешната обиколка на поплавените подрачја, заедно со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

poplavi1

Комисијата, како што нагласи тој, уште во текот на вчерашниот ден излегла на терен и направила увид и фото-документација на сите куќи во кои поплавите направиле штети.

– Во текот на оваа и наредната седмица ќе се направи комплетна проценка на штетите и ќе се донесе одлука за обештетување на сите граѓани кои беа погодени од поплавите, додаваат од Општина Охрид.

Изминатите два дена во охридскиот регион наврнаа околу 90 литри дожд на метар квадратен. Водената стихија, освен куќите поплави и обработливо земјиште, а ги зголеми и наносите во речните корита и канали. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука