Економија Избор Охрид

Персонален данок, ДДВ и радиодифузна такса можат да се плаќаат и преку интернет

Охрид, 16.октомври 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во регионалното одделение на Управата за јавни приходи во Охрид денеска беше презентирана новата услуга на граѓаните – интернет плаќање на даноци со безготовинска картичка.

Со оваа услуга, како што беше речено, граѓаните заштедуваат време и ги избегнуваат каматите за задоцнето плаќање а можат и да вршaт он-лајн преглед и плаќање на даночните долгови за персонален данок, ДДВ и радиодифузна такса.

– Новата електронска услуга на УЈП „е-плаќање на даноци“ овозможува секој граѓанин да врши он-лајн плаќање на персонален данок, данок на додадена вредност и радиодифузна такса со безготовинска картичка Visa, Maestro или MasterCard. При тоа, картичката треба да е издадена од домашна банка, појасни Рејна Стефаноска, раководител на охридското одделение на УЈП.

Според неа, регистрацијата на „е-плаќање на даноци“ е бесплатна и не е потребен дигитален сертификат, а единствено што е потребно е граѓанинот да креира кориснички профил на електронскиот сервис https://etax.ujp.gov.mk.

– Покрај електронското плаќање на даноци, со регистрацијата и користењето на оваа услуга, граѓанинот може да врши преглед и во секое време да има увид во состојбата на даночните долгови, вели Стефаноска.

Новата услуга за интернет плаќање на даноци е автоматски овозможена за 23 328 даночни обврзници кои се веќе регистрирани корисници на електронските сервизи на УЈП. (Крај)

извор:ОхридПрес фото:ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави