Македонија

Вајгл: Се пролонгира проблемот со договорот од Пржино

Скопје, 16. октомври 2015 (ОХРИДПРЕС) – Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл по средбата со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, предупреди дека непотребните одлагања ќе предизвикаат голем проблем за Македонија бидејќи повторно ќе се гледа како земја во криза, нешто што се сметаше дека е надминато со договорот од Пржино.

– Не сакам да навлегувам длабоко околу темата за која сте заинтересирани. Само ќе потенцирам дека Европскиот парламент е многу заинтересиран за развојот на настаните во Македонија и наскоро ќе почне парламентарната процедура за извештајот за прогресот на Европската комисија и за пишувањето на нашиот. Се надевам дека договорот меѓу сите политички партии ќе биде испочитуван. Не станува збор за еден или два дена задоцнување до крајниот рок, туку за продолжување на процесот кој треба да е во интерес на сите, а дефинитивно во интерес на земјата. Непотребните одлагања можат да предизвикаат голем проблем за Македонија, бидејќи ќе биде видена како земја во криза ако не се имплементира целосно договорот. А, верувавме дека со него кризата е надмината, изјави Вајгл.

Заев беше меѓу последните на неговата листа соговорници, на која беа и премиерот Никола Груевски, шефот на дипломатијата Никола Попоски, преставникот на УНХЦР во земјава, вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, како и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Краткиот престој за Вајгл беше причината што не се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети, но успеја да се сретне со Ивон Величковски по либерална политичка линија. (Крај)

извор: Утрински фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука