октомври 24, 2014

Охрид, 24. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Хоризонталните успорувачи на брзина во Охрид попознати како лежечки полицајци не ретко се мета на граѓани кои ги уништуваат и корнат.

Вакви случаи се забележани во непоредна близина на Основното училиште „Григор Прличев“, на улицата „Седми Ноември“ на околу двесте метри оддалеченост од Основното училиште „Братство“ и на уште неколку локации во градот, информираат нашите читатели.

Од одделението за сообраќај во Општина Охрид велат дека успорувачите на брзина се сервисираат редовно, а за конкретните два, екипи на терен веќе го констатирале оштетувањето.

– Веќе се регистрирани двете оштетувања кои ќе бидат санирани во текот на наредната седмица. Успорувачите на брзина редовно се сервисираат затоа што често и се оштетуваат, вели Томе Змејкоски од одделението со соообраќај и улици.

Како што додава тој, освен од човечки фактор, во зимскиот период успорувачите се оштетуваат и заради снегот.

– Наша обврска е да ја следиме состојбата по нивното поставување и да ги санираме оштетувањата заради поголема безбедност на учесниците во сообраќајот, додава Змејкоски.

usporuvacizabrzina2

Според него, годинава биле поставени нови 85 метри успорувачи на брзина, а деновиве биле монтирани уште два на улицата „Питу Гули“ во непосредна близина Основното училиште „Христо Узунов“.

– Се поставуваат на сите места низ градот каде што се вози премногу брзо, а најважно е што ги има пред училиштата каде што има најголема фрекфенција од деца, дециден е Змејкоски.

Поставувањето на легнатите успорувачи на брзината на возилата  е обврска на Општина Охрид, а за сите што досега ги има монтирано, како што информираат од одделението за сообраќај, е добиена дозвола од Секторот за внатрешни работи од Охрид. (Крај/А.Р.)

извор: Супер радио фото: Супер радио

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука