Економија Избор Охрид

Распишан конкурсот за ученички стипендии за учебната 2015/2016 година

Скопје/Охрид, 3. ноември 2015 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука и оваа година доделува стипендии за учениците кои учат во јавните и приватните училишта.

Охридските ученици можат да аплицираат за стипендии рамноправно како и нивните врсници од училиштата од целата држава.

Конкурсот за доделување стипендии за учебната 2015/2016 година е веќе објавен во дневните весници и на интернет страната на Министерството за образование и наука, со цел учениците да имаат доволно време да ги подготват документите и да аплицираат за некоја од нив, најави денеска министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.

– И годинава ќе доделиме 745 стипендии кои се поделени во 6 категории. Станува збор за стипендии за за социјална поддршка на учениците, за ученици со статус на деца без родители, стипендии за ученици со посебни потреби, за талентирани ученици – спортисти, за талентирани ученици, и стипендии за ученици од угостителско – туристичката струка, рече Адеми.

Од вкупниот број стипендии, 400 се наменети за социјална поддршка на учениците. Условите кои треба да ги исполнат е да имаат успех во текот на школувањето од најмалку 4,00. При доделувањето на овие стипендии, предвид ќе се земе и материјалната состојба на потесното семејство на кандидатот, како и евентуално добиените награди од на државни или меѓународни натпревари. Висината на паричниот надомест е 2.200 денари месечно кои ќе ги земаат во текот на 9 месеци. 80 стипендии се наменети за децата без родители. Овие ученици треба да имаат минимум 3,00 среден успех, како и да приложат потврда од надлежен Центар за социјални грижи, потврда од домот каде што се згрижени или друга соодветна документација со која ќе докажат дека се деца без родители. За нив стипендијата изнесува 2.750 денари.

Толкав паричен надомест ќе добијат и учениците со посебни потреби за кои се наменети 50 стипендии. Овие ученици за да аплицираат за стипендијата, треба да имаат успех од 3,00.

За талентирани ученици спортисти, министерството за образование и наука ќе додели 150 стипендии. Овие ученици треба да имаат просечен успех од најмалку 4,00. Исто така при бодувањето ќе се земат предвид и освоените награди на државни или меѓународни натпревари од областа на спортот. Тие месечно ќе земаат по 2.970 денари.

50 стипендии се доделуваат за талентираните ученици за учебната 2015/2016 година. Овие ученици за да добијат стипендија треба да имаат одличен успех, односно 5,00. И тие треба да имаат освоено награди во поединечна категорија на државни или меѓународни натпревари. Нивната стипендијата ќе изнесува 2.970 денари.
15 стипендии се наменети за учениците од угостителско – туристичка струка. Просечен успех од 3,50 е услов за добивање паричен надомест од 2.200 денари месечно. Овие ученици треба да имаат освоено I, II или III место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на угостителството и/или туризмот.

– Сите ученици кои сакаат да аплицираат за некоја од 745-те стипендии, треба да се редовни ученици во јавните и приватните средни училишта во Република Македонија. Исто така треба да не повторувале ниту една година во текот на школувањето, да не користат стипендија од друга институција или фирма и да се државјани на Македонија, рече Адеми.

Заинтересираните кандидати сите дополнителни информации можaт да ги најдат на порталот konkursi.mon.gov.mk, каде што е поставена електронската пријава. Рокот за аплицирање е од денес и ќе трае до 15-ти ноември. Резултатите ќе бидат објавени на порталот stipendii.gov.mk на 14 декември. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука