Избор Партии

СДСМ: Граѓаните го напуштија Никола Груевски

Охрид, 12. ноември 2015 (ОХРИДПРЕС) – За денешната посета на Никола Груевски во Охрид голем број вработени во јавната администрација и локалната самоуправа биле принудувани да го напуштат работното место за да присуствуваат на настаните од неговата агенда, реагираат од ОО на СДСМ од Охрид.

Според нив, тоа е уште една потврда дека граѓаните го напуштија Никола Груевски.

– Осамен, Груевски ги принудува вработените во администрацијата и локалната самоуправа да го пополнуваат слабото присуство за време на неговите посети. На вработените во училиштата и детските градинки по електронска пошта им било испратено барање за присуство на настаните од агендата на Никола Груевски. Поради ова, на децата во градинките немало кој ужинка да им подели бидејќи учителки и негователки морале да присуствуваат на парадите на Груевски, а своето отсуство го оправдале со наводен состанок. Во Охридската гимназија часовите им биле скратени по 10 минути, стои во дописот до медиумите.

Од СДСМ додаваат дека и покрај се`, посетата на Груевски на Охрид помина со многу слаб одѕив.

– Слабиот одзив во село Велгошти коешто важеше за бастион на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, говори за целосно изгубената доверба на граѓаните во Никола Груевски. Граѓаните на Охрид и охридско, со денешното игнорирање на Никола Груевски му испратија јасна порака. Времето на Никола Груевски помина. Збогум Никола, реагираат по денешната посета на премиерот Груевски на Охрид од ОО на СДСМ од Охрид. (Крај)

извор: СДСМ фото: СДСМ

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави