Струга, 16. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на минатата недела по спроведена дисциплинска постапка, биле донесени 24 решенија против исто толку вработени во Министерството за внатрешни работи поради сторени повреди во работењето.
Притоа, на 17 вработени им била изречена мерка „парична казна”, на тројца „запирање на постапката“, на еден вработен мерка „писмено предупредување” , двајца вработени добиле отказ, е еден бил распореден еден степен пониско.
Виш инспектор за општ криминалитет НК за КР Струга изречена му е мерка „парична казна“ бидејќи не презел мерки за пронаоѓање на одземено возило, пронаоѓање и фаќање на сторителот и навремено не го известил Основното јавно обвинителство.
Парично е казнет и полицаец од Станицата за безбедност во сообраќајот во Струга бидејќи внел невистинити податоци во Записник за извршен увид на лице место.
Внатрешната контола на МВР покажала дека на двајца полициски службеници во полициската станица на Граничниот премин „Ќафасан“ не им било чисто службеното оружје што го поседуваат поради што заработила парични казни.
Ваква казна заради не чисто оружје во текот на изминатата седмица му била изречена и на дежурен полицаец во полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“. (Крај)
извор: МВР фото: архива