Забава Избор

Тони Јованоски – ДЈ Тони: Најубаво е времето поминато со музика!

Охрид, 25. декември 2015 (ОХРИДПРЕС) – Музичката оригинална програма на Супер радио во тематските дј-ски шоу изданија одвојува простор и за актуелните hip-hop и r’n’b теми, кои се презентираат во емисијата „Hip Hop Time“ со младиот ДЈ Тони, Тони Јованоски.

Секој понеделник од 20 до 22 часот на Супер радио, за љубителите на овој вид музика, ДЈ Тони прави избор на актуелните светски хип хоп,р’н’б и рап траки. На крајот на секој месец, како што вели ДЈ Тони, прави ревизија на најбараните траки за тековниот период.

За сите негови инспирации, музички дилеми и сфаќања, Супер радио и Охрид Прес Ви пренесува во реализираното интервју.

Супер радио: Што се однесува до твојата емисија на Супер радио, „Hip hop Time“, што е она што го одбираш за слушателите?

Јованоски: Во емисијата слушателите на Супер радио имаат можност да ги слушаат и запознаат најдобрите хип хоп,р’н’б и рап траки. Покрај настапите во клубовите оваа емисија е уште едно ново искуство за мене. Најисполнет сум кога се наоѓам позади грамофоните, а уште поисполнет кога публиката е расположена и задоволна.

Супер радио: Од кога hip-hop музиката е дел од твоето јас? Кој беше првиот момент кога застана зад дј-скиот пулт и се пронајде себеси во таа професија?

Јованоски: Веќе девет години се занимавам со пуштање на hip-hop музика, а попрофесионално може да се каже 6 години. Во последните 3 години поради обврски со факулететот, малку ја напуштив сцената, но не и музиката. Сега продолжувам таму каде што застанав со нови идеи. Паметам во 2007 година, кога имаше журка на Градиште, каде за прв пат имав можност да пуштам музика. Оттогаш како дј пуштам претежно hip-hop и r’n’b музика.

Супер радио: Твоите настапи низ локалите во Охрид, и другите градови се бројни.

Јованоски: Сум пуштал музика во повеќе локали низ Охрид, имам одлична соработка со неколку, но и со сите останати, кои се отворени за правење на добра забава. Инаку, сум настапувал и во локали во Струга, Битола. Кога станува збор за пуштање музика по локали, сега владее таква практика, дј-ите да понудат свој проект, а потоа останува на сопствениците на објектите да го прифатат и заеднички да дадат некоја нивна идеја.

Супер радио: На кои песни, според тебе, од твојата бранша кои ги пушташ, публиката најдобро реагира?

Јованоски: Помладите ги слушаат поновите песни, додека повозрасните ги слушаат постарите хитови. Зависи од публиката. Јас се трудам според возраста на посетителите во локалите каде пуштам музика, таква музика да пуштам. Исто така добра варијанта е и мешана музика од порано и од поновите хитови.

Супер радио: Лично тебе кој hip-hop, r’n’b или рап артист ти претставува најголема инспирација и чија музика најмногу ја почитуваш?

Јованоски: Ми се допаѓа музиката на Jay Z, Beyonce, Kanye West, Drake, Chris Brown, A$ap Rocky, Meek Mill и Tyga. Можам да кажам дека речиси целата hip-hop, r’n’b музика е квалитетна, секако, како и во секоја бранша има и подеми и падови, така и во оваа музика, имало тешки периоди, но во главно се добри стилови.

Супер радио: Кога веќе ги спомнавме светските музичари, за кој од нив сметаш дека во одреден период имал добра кариера, а потоа голем пад и неуспех?

Јованоски: Таков најголем пад му се случи на Еминем. Повеќе години беше број еден и по квалитетни теми и по нивниот број. Но, се случија некои работи во неговиот живот и во последно време, скоро и да не прави воопшто музика. И оние поновите песни кои ги издаде, не беа вистинскиот Еминем, се смени многу како музичар, опадна.

Супер радио: Кој период од музиката сметаш дека бил особено квалитетен по изданија?

Јованоски: Дефинитивно можам да кажам 90-те. Мислам дека во тој период имаше реален, вистински hip-hop и r’n’b. Сегашната музика некако многу е комбинирана, има голем број на примеси од други жанрови.

Супер радио: Кој дел од еден твој настап додека пушташ музика, ти претставува најголемо задоволство? Повеќе сакаш да се концентрираш на себеси и своето претставување кога пушташ музика, или на комплетниот впечаток, публиката, персоналот, музиката, моментот?

Јованоски: Најубаво е секако кога има добра атмосфера и кога се сите расположени. Јас сум од оние дј-и, кои сакаат да пуштаат музика онака како што ќе реагира публиката. Најголем дел од времето го поминувам на грамофоните за надградба и учење на нови вештини. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави