Економија Избор

Нема да има блокирање сметка без предупредување

Охрид/Скопје, 28. декември 2015 (ОХРИДПРЕС) – Избегнување на непријатностите и дополнителните трошоци за и онака должните граѓани ќе претставува новата измена во Законот за извршување, според која е предвидено задолжително предупредување пред извршување.

Законот е веќе влезен во собраниска процедура, а во него се предвидува пред блокирање сметка граѓаните да добијат предупредување и да имаат можност сами да ги остават податоците што им се потребни на извршителите.

– Ова дејствие ќе овозможи должниците да дојдат и да ги достават податоците кај извршителот и да се намалат дополнителните трошоци што паѓаат на нивни товар, истакна Зоран Петрески, претседател на Комората на извршители.

Ова ќе значи дека граѓаните повеќе нема да ги имаат трошоците за деблокирање на сметка како и дополнителните трошоци, кои чинат и до 1.500 денари, а се однесуваат на податоците што досега извршителот сам ги прибирал од институциите.

Петрески е убеден дека оваа мерка ќе биде многу поволна за должниците бидејќи досега најголемиот број реакции од граѓаните се однесувале токму на блокирањето на сметките.

– Честопати во канцелариите на извршителите доаѓале луѓе со блокирани сметки кои воопшто не биле известени дека се должни. На овој начин ние ќе испраќаме предупредување до нив и убедени сме дека тоа ќе функционира, бидејќи нашата достава е сигурна и таа нема да биде на товар на граѓанит, додава Петрески. (Крај)

извор: Телеграф фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави