Економија Избор Охрид

ЗПММ: Потребна е итна корекција на тарифникот за регионалните и локалните медиуми

Охрид, 28. декември 2015 (ОХРИДПРЕС) – Здружението на приватни медиуми на РМ (ЗПММ) бара итна корекција на тарифникот, кој е дел од Законот за авторско право и сродни права, донесени по скратена постапка во август 2015 година.

Барањето доаѓа по последните измени и дополнувања на Законот за авторско право и сродни права, донесени по скратена постапка кон крајот на август оваа година.

– Иако Здружението на приватните медиуми на РМ (ЗПММ) е мнозинското здружение во државава, во кое членуваат над 80% од сите медиуми во државава, за носењето на овие измени не бевме консултирани и истите се донесоа без притоа да се разгледаат и уважат барањата на нашите членови. Начинот да се плаќа износ ограничен во плати и тоа 18 просечни плати за медиуми кои работат на државно ниво, 12 просечни плати на регионално и шест на локално шест за нас е само делумно прифатлив. Ова, пред се` поради фактот што ако 18 месечни просечни плати се однесуваат на два милиони гледачи и слушатели, како е утврден износот од 12 месечни просечни плати за регион кој максимално изнесува до 250.000 потенцијални гледачи и слушатели што изнесува една десетина од популацијата и надоместокот е реално непропорционален. Локалните медиуми често работат и со публика од 15-30.000 гледачи и слушатели. Ако се има предвид дека лиценцата за работа се наплаќа врз основа на број на жители на регион, неспорно може да се утврди колкава е покриеноста на регионално и локално ниво и на тој начин очигледен е несразмерот помеѓу висината на надоместокот на државно, регионално и локално ниво и на ваков начин директно ни се нанесува сериозна штета. Според првичните проценки кои ги направија нашите служби, регионалните и локалните медиуми на овој начин ќе плаќаат скоро двојно повеќе од износите кои ги плаќаат сега на годишно ниво на име на авторски права, велат од ЗПММ.

Додаваат дека наједноставен начин на кој може да се стави ред во овој сегмент е надоместокот да се пресметува врз основа на нето добивката која произлегува од завршната сметка во Управата за јавни приходи на РМ.

– Потсетуваме и на проблемот со забраната за емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување од страна на Здружението ЗАМП, која треба да стартува од 01. јануари 2016 година. Со оглед на законската обврска за емитување на одреден процент на македонска музика на медиумите во РМ, а поради бројката на авторите и делата кои се забранети и опфатени со одлуката, медиумите во РМ нема да можат во целост да ја исполнат законската обврска да емитуваат квалитетна македонска музика од 01.01.2016 година. Ова, пред се` поради премалиот број на песни кои останаа и кои можат да се емитуваат, стои во дописот до медиумите на ЗПММ, од каде бараат од соодветните законски институции да им обезбедат услови за да може да ги исполнат законските обврски за заштита, промоција и негување на македонската музика.

– Во спротивно, како Здружение, ќе ги повикаме нашите членови на бојкот и комплетно повлекување на македонската музика од програмата на медиумите, се` до комплетното средување на работите и односите во оваа исклучително важна област, додаваат од Здружението на приватните медиуми на РМ (ЗПММ). (Крај)

извор: ЗПММ фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука