Избор Охрид Празници

Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан

Охрид, 9. јануари 2016 (ОХРИДПРЕС) – Денес православните верници го празнуваатСветиот првомаченик и архиѓакон Стефан.

Роднина на апостолот Павле, Евреин од Евреите што живееја по елинските области. Беше прв од Седумте ѓакони коишто Светите апостоли ги ракоположија и ги поставија на служба на грижа за сиромасите во Ерусалим. Затоа и го нарекоа архиѓакон. Со силата на својата вера вршеше големи чуда меѓу луѓето. Злобните Евреи се препираа со него, но беа секогаш победувани од неговата мудрост и од силата на Светиот Дух Којшто дејствуваше преку него. Тогаш посрамени Евреите, свикнати на измами и клевети, го побунија народот и народните старешини против невиниот. Клеветата против Стефан велеше дека хулел на Бога и на Светиот пророк Мојсеј. Брзо најдоа лажни сведоци коишто тоа и го потврдија. Тогаш Стефан застана пред народот и сите видоа дека лицето негово е како лице на ангел, т.е. озарено од благодатна светлина како што некогаш беше Мојсеј кога говореше со Бога. Стефан ги отвори своите усни и ги пореди многубројните доброчинства и чуда Божји извршени од Бога во минатото над народот израилски, но и многубројните злосторства и противења кон Бога од страна на тој народ. Особено ги изобличи за убиството на Господ Христос, нарекувајќи ги предавници и крвници. И додека тие чкртаа со забите, Стефан погледна и го виде небото отворено и славата Божја. Тоа што го виде тој им го објави на Евреите: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки кај седи од десната страна на Бога“ (Дела 7). Тогаш пакосниците го изведоа надвор од градот и го убија со камења. Меѓу неговите мачители беше и неговиот роднина Савле, подоцна апостол Павле. Во тоа време на некој камен во далечината стоеше Пресвета Богородица со Свети Јован Богослов и го гледаа мачеништвото на првиот маченик за вистината на нејзиниот Син и Бог, молејќи Го Бога за Стефана. Ова се случи една година по слегувањето на Светиот Дух на апостолите. Телото на Св. Стефан тајно го зеде и го погреба на својот имот Гамалиил, кнез еврејски, а потаен христијанин. Така заврши во слава првенецот меѓу христијанските маченици и се пресели во Царството на Господ Исус Христос. (Крај)

извор: mpc фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука