Избор Охрид

Проф. Д-р Талевски: Не станува збор само за загрозување на Галичица, туку на целиот простор под заштитено подрачје

Охрид, 12. јануари 2016 (ОХРИДПРЕС) – На последната расправа за ревидираната Стратешка оцена на животната средина за управување со Националниот парк Галичица, премногу акцент се стави само на изградбата на експресниот пат, а се занемарија останатите сегменти, како влијанието врз животната средина од најавената изградба на хотелски комплекси над Пештани, потоа изградбата на плажата во Љубаништа, како и најавениот ски-центар, смета проф. Д-р Трајче Талевски, поддржувач на граѓанската иницијатива Охрид СОС.

– Неколку објеки е предвидено да се градат во строго заштитена зона, тоа е кај Стење, односно е предвидено на места каде не треба да се гради. Потоа, предвидена е градба на објекти исто така во заштитена зона, значи не строго заштитена, туку само заштитна зона, каде пак, е предвидена градба само на одреден вид објекти, како инфо центри, објекти во сопственост на НП „Галичица“, односно објекти, кои имаат за цел пропагирање на екологијата, а не од комерцијални цели. На петтата по ред јавна трибина, присутните и претставниците на здруженијата, институциите и слично, дискутираа во најголем дел за изградбата на експресниот пат. Се застапуваше став дека не треба да се гради на тоа место и градби од таков облик, изјавува за Супер радио проф. Талевски.

Како што додава професорот Талевски, загриженоста за заштитата на Галичица е оправдана не само заради самата планина и националниот парк, туку, неколку сегменти и елементи се однесуваат и на самото езеро, потоа планот за изградбата на патот кој ќе поминува од Косел до Пештани. Од другата страна Галичица се предвидени хотелски капацитети во Отешево и туристичката развојна зона во Стење.

galicicapat

Во однос на информациите кои се појавија во последниот период во јавноста, за граѓаните на референдум да се изјаснат за новиот план кој се предвидува за Галичица, Талевски, вели дека тоа е тешко изводливо. Подобро решение, според него би било да не се започнува ниту еден план поединечно, додека добро не се рагледаат сите во целина.

– Човек би добил чувство дека се прави обид нешто да се протурка. Информациите што се проширија за спроведување на референдум, се извадени од контекст. Тоа не беше заклучокот на дебатата која се одржа на 4-ти јануари. Тешко би било да се спроведе референдум, тоа е тешко изводливо. Еден граѓански сектор тешко може тоа да го изведе, си има посебна процедура како оди се кога станува збор за референдум. Но, поважно е нешто друго. Треба стручно, прецизно мислење за сите сегменти, гледани како еден склоп, а не само акцент да се става на еден елемент. Не смее да се почне со градба, на пример, на патот кон Пештани, а останатото да се уверува јавноста дека нема да се реализира. Тогаш, зошто толкава непотребна инвестиција за тој пат, или обратно. Исто така, има недостаток од студија за хотелскиот комплекс што е над Пештани и изградбата на ски-комплекс на потегот од Пештани до Бугарска Чука. Не може да се градат тие објекти со мерки на компензација. Компензација може да има само кај индивидуални земјишта, ако сопственикот не може да се однесува како што е предвидено со закон, додава Талевски.

По однос на изнесените тези на последната јавна расправа за ревидираната Стратешка оцена на животната средина која се одржа на 4. јануари 2016 г. во просториите на НП „Галичица“, забелешки можат да се доставуваат до 11-ти февруари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука