февруари 17, 2015

Скопје, 17. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Мојата и позицијата на Европската унија е дека сите политички партии треба да водат политички дебати во парламентот, а не надвор од него. Тука сум за да помогнам во наоѓање на излез од политичката ситуација. Опозицијата треба да се врати во парламентот и таму треба да се решаваат сите политички прашања.Ова го изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, за време на средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Хан изрази надеж дека Македонија ќе продолжи со реформите за да може што е можно побрзо да започне преговори за членство во ЕУ.

Во однос на последните случувања во Република Македонија, претседателот Иванов порача политичките субјекти да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата.

– Како демократска држава мора да покажеме зрелост пред предизвиците што се јавуваат во општеството, и истите мора да се решаваат по институционален пат, низ отворен дијалог. Како Претседател давам целосна поддршка за ефикасно и транспарентно постапување на сите надлежни државни органи во утврдувањето на постоење на активности спротивни на уставно-правниот поредок, и во санкционирањето на сторителите на кривични дела, истакна македонскиот претседател на средбата со Хан.

Еврокомесарот за проширување оствари средба и со претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, кој го искажа задоволството од посетата на комесарот, при што нагласи дека ваквите средби се одлична можност за разменување на мислења и ставови што е од големо значење за Република Македонија, особено во насока на остварување на една од приоритетните цели на државата, а тоа е интегрирање на земјата во Европската унија.

На средбата се разговараше за посветеноста на Република Македонија во остварување на реформите за што поскоро отпочнување на пристапните преговори за влез во Европката унија, за актуелните случувања во државата и тековните активности на Собранието на Република Македонија.

Комесарот за проширување на Европската унија, Хан истакна дека неговата денешна посета е со цел да се нагласи заинтересираноста на Европската унија и нејзините институции за што поскоро надминување на моменталните несогласувања настанати на политичко ниво. Комесарот потенцираше дека Европскиот парламент е спремен да помогне со свое надворешно посредување доколку тоа би придонело во надминување на актуелната состојба.

Во текот на денот, Хан ќе разговара и со вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, а ќе се сретне и со премиерот Никола Груевски, како и со лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, на коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Демократската унија за интеграција Али Ахмети и шефот на Демократската партија на Албанците Менудх Тачи. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука