Економија Избор Охрид

Регионалната занаетчиска комора Охрид работи на обезбедување на потребниот деловен простор

Охрид, 27. јануари 2016 (ОХРИДПРЕС) – Според новиот закон за занаетчиска дејност, во делот на организирање чирачка работа, лицата кои се водат како чираци, не смеат да бидат помлади од 15 години, да се невработени и да имаат потврда за завршено основно образование, а запишан во задолжително средно образование.

Платата на чираците во занаетчиската дејност треба да изнесува 15% од просечната бруто плата исплатена минатата година.

На синоќа одржаното Собрание на Регионалната занаетчиска комора со седиште во Охрид, беа разгледани одредбите на новиот закон. Малите измени во делот на организирање чирачка работа и досега биле до некој степен практита при работата на охридските регистрирани занаетчии. Од Регионалната занаетчиска комора Охрид се надеваат дека малите измени нема да предизвикаат проблеми при понатамошното успешно работење на занаетчиите.

– Доколку Агенцијата за вработување прати лице како чирак или калфа кај работодавец – занаетчија, тогаш тие ја обезбедуваат неговата месечна плата. И обратно, доколку занаетчијата сам побара чирак, тој треба да го исплаќа. Единствено сега има новина, се бара кај работодавачите, оние кои сакаат да имаат калфа, треба да имаат сертификат за ментори. Се посетува настава од три дена и занаетчијата се стекнува со таков сертификат. Сега има ново раководство на Републичката комора, а посетувањето настава за стекнување со овој сертификат го организира Центарот за стручно образование, презентираше Сашо Богоески, претседател на Регионалната занаетчиска комора Охрид.

Новиот закон предвидува дека покрај постоечката Републичка комора и останатите Регионалните комори, можат да се регистрираат и нови комори, кои ќе соберат најмалку 300 иницијатори за формирање.

Регионалната занаетчиска комора Охрид, во моментов единствено се соочува со потреба од изнаоѓање на деловен простор како официјално седиште, кој, според законот, не смее да биде помал од 30 метри квадратни.

– Околу усогласувањето со комората, тоа треба да го направиме во рок од осум месеци, да обезбедиме деловен простор од 30 метри квадратни и да се опреми просторот со компјутерска опрема, а да имаме и еден вработен. Ова ни е потребно за да добиеме дозвола за јавно овластување, додаде Богоески.

Синоќа комората одржа собрание за избор на членови по Секции. До крајот на месецов комората ќе избере и членови на Собранието. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука