Скопје, 17. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Новинарот Томислав Кежаровски останува на слобода, бидејќи Апелациониот суд денеска ја потврди неодамнешната одлука на Кривичниот суд за условен отпуст на новинарот, а ја отфрли жалбата на Обвинителството, кое се жалеше на ваквата одлука.
Ова значи дека Кежаровски нема да се враќа во истражниот затвор „Скопје“, каде што требаше да издржи уште три месеци од досудената казна, јави „Фокус“.
– Донесена е одлука со која се потврдува првостепената одлука за условниот отпуст, а се отфрла жалбата на обвинителството, истакна за „Фокус“ судијата Сафет Кадриу.
Право на уловен отпуст имаат осудените кои одлежале половина од изречената казна, а во случајот за Кежаровски, тоа го побара директорот на затворот, но и неговата сопруга.
Кежаровски во моментот е на слобода, бидејќи, по барање на директорот на затворот, а по дозвола на Управата за извршување на санкциите, минатиот месец, доби прекин на издржувањето на казната во рок од 30 дена, а како што објаснија, поради здравствени причини.
Апелација му ја намали казната на Кежаровски од четири и пол на две години затвор, но новинарските здруженија сметаат дека единствената праведна пресуда е ослободителната, бидејќи новинарот нема никаква вина. (Крај)
извор: Фокус фото: архива