Британски Телеграф – Охрид е меѓу 30-те најубави градови во Европа
Охрид, 29. јануари 2016 (ОХРИДПРЕС) – Овој македонски град се наоѓа на брегот на истоименото езеро и е еден од 28-те градови ширум светот кои се на листата на УНЕСКО како дел од светското природно и културно наследство.
Вака угледниот британски telegraph.co.uk го опишува Охрид во веста која беше објавена денес, а во која го вбројува најголемиот туристички центар во Република Македонија помеѓу 30-те најубави градови во Европа.
Градовите кои се на листата на Телеграф се одбрани од страна на Јапонската асоцијација на туристички агенции (JATA), помеѓу 300 помали дестинации ширум светот. Покрај Охрид на листата се и Берат во Албанија, Котор во Црна Гора, Ровињ во Хрватска, Пиран во Словенија и уште 25 прекрасни дестинации.
Компаниите кои се членки на JATA, меѓу кои има туристички агенции и авио компании, прво ја сведоа листата на 41 град од 28 земји, по што бил направен финалниот избор. Идејата е да се обезбеди широк спектар на атрактивни помали туристички дестинации во цела Европа, кои треба да се посетат од страна на јапонски патници, но и туристите од целиот свет. (Крај)
извор: telegraph.co.uk фото: telegraph.co.uk
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |