Избор Охрид

Познатиот автомобилист Иџе ги едуцираше најмладите од Охрид за безбедноста во сообраќајот

Охрид, 24. февруари 2016 (ОХРИДПРЕС) – Двократниот европски шампион во ридско-брзински автомобилизам, македонскиот автомобилист Игор Иџе Стефановски, денес во Спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“ ги израдува најмладите од основните училишта од Охрид, но и сите негови обожаватели, како и почитувачи на афирмација на Македонија која ја дава преку спортот.

ucenicisoidze1

Иџе преку едукативниот и забавен настан, под мотото „Шампионот обединува – насмевка, живот, едукација“, со присутните во спортската сала во Охрид ги сподели искуствата од неговите бројни трки низ европските метрополи. Но, акцентот на овој настан во Охрид, кој е дел од кампањата која ќе се спроведе низ цела Македонија, беше да се едуцираат најмладите дека има голема разлика од спортски автомобилизам, каде се одмеруваат силите од брзината зад воланот, што пак, не смее во никој случај да биде практика во секојдневниот живот.

 ucenicisoidze

– Мене моментално ме нарекуваат најбрзиот автомобилист во Европа, но секојдневно како учесник во сообраќајот, сум еден од најбавните и највнимателните возачи. Местото на докажување се тркачките патеки, а не улиците и сообраќајниците, а уште помалку автопатите, каде поради опуштеност и невнимание на возачите, се случуваат исто така голем број на незгоди и несреќи. Сакам да ве потсетам дека во сообраќајот треба да внимавате максимално, да внимавате на сите оние пропишани правила. Задолжително да се користат појасите во возилата, да не се користат мобилни телефони додека се вози. Што се однесува од спортскиот аспект, сакам да кажам дека секој млад човек треба да го негува спортот и правилата на спортот, фер плејот, истакна популарниот автомобилист Иџе.

Промоторот на настанот кој се одржа во Охрид, Игор Иџе Стефановски, се погрижи младите на интерактивен и едукативен начин да научат нешто повеќе за безбедноста во сообраќајот.
Така, настанот беше збогатен со показна вежба за помош при сообраќајна несреќа, која ја изведоа волонтери при Црвениот крст од Охрид.

crvenkrstsoidze

За време на средбата, македонскиот сликар и хуманист Живко Поповски Цветин, нацрта слики со неговите познати цвеќиња на мирот, кои ќе бидат подарени на сите училишта од градот, чии ученици учествуваа на денешниот настан.

cvetin

Додека своите животни приказни поврзани со сообраќајот, каде директно биле засегнати нивните животи и животот на нивните најмили, со присутните ги споделија жител на Скопје, кој останал инвалид по тешка сообраќајна несреќа, како и актерот Мите Грозданов.

– Нема поубаво нешто од младоста. Ако сакате да ја гледате младоста онака природно како тече и ве води низ животот, запомнете дека не треба никогаш да брзате кога сте во сообраќај. Има една многу поучна анегдота, која вели: Кога сте возач и на улица ќе забележите од едната страна старец, од другата млад човек, што прво треба да прегазите? Кочницата! Сакам исто така да апелирам до родителите, да не им дозволувате на децата да возат ако немаат положено за возачка дозвола, па и тогаш, прво повеќе пати да ги контролирате како возат, а дури потоа да им дозволите самите да возат, порача Грозданов.

mitegrozdanov

Целта на оваа кампања која се реализира со поддршка на Агенцијата за млади и спорт и на Републичкиот Совет за безбедност во сообраќајот е преку посебна програма младите да се едуцираат за опасностите кои можат да настанат од брзо и недоговорно возење, а воедно и да им се објасни кои се спортските вредности, да го почитуваат фер-плејот во спортот и тимската работа. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави