Избор Македонија

Останува „условената“ препорака за Македонија

Брисел, 1. март 2016 (ОХРИДПРЕС) – Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент синоќа во зградата на Европарламентот во Брисел со 42 гласа „за“ и девет „против“ ја усвои Резолуцијата за Македонија, што на предлог на известувачот Иво Вајгл содржи седма последователна препорака до Европскиот совет за отворање на преговорите за членство во Европската Унија.

Според истата, за која идната среда во Стразбур ќе гласа и целиот состав на Европскиот парламент на пленарна седница, останува условена препорака за преговори која зависи од успешно завршување на политичката криза со успешно организирани избори на 5 јуни.

Инаку, оваа Резолуција се однесува на прогрес-извештајот за Македонија што пред крајот на минатата година го поднесе Европската комисија. Maкедонија од 2009 година наваму од Европскиот парламент и Комисија постојано добиваше препорака за почеток на преговорите, но Европскиот совет до сега ниту еднаш не предложи датум за почнување на истите, поради неисполнетите политички критериуми и поради нерешениот спор со Грција. Лани, извештајот по прв пат од 2009 година наваму, даде условена препорака која најмногу ќе зависи од исходот на изборите. (Крај)

извор: Капитал фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука