Економија Избор

Codefest инфо сесија и Стартап работилница со Френк Нојригат во Охрид

Охрид, 7. март 2016 (ОХРИДПРЕС) – Во четврток, на 10-ти март, во „NOA Lounge Bar“ во Охрид ќе се одржи двочасовна работилница со Френк Нојригат, ко-основач на светскиот Стартап Викенд и член на бордот на директори на Up Global.

Нојригат во Македонија доаѓа од Њујорк преку SECO програмата за претприемништво на Swiss Contact, за да работи со локалните стартап и бизнис екосистеми, и е подготвен да се запознае со млади луѓе со идеи, како и со оние кои веќе имаат свој бизнис или се дел од таков. Во текот на оваа бесплатна работилница присутните ќе можат директно да дискутираат со Нојригат за своите идеи и да добијат по некој совет.

Работилницата во Охрид е овозможена преку Girls in Tech Macedonia и организацијата на Codefest, па овој настан ќе опфати и инфо сесија за претстојниот Codefest кој по 4-ти пат овој април ќе се одржи во Охрид.

– Во пресрет на истекот на рокот за аплицирање за учество на Codefest Marathon 2016 кој трае до 15-ти март, работилницата е одлична можност да ги дискутирате и развиете своите идеи и да добиете вредни совети. Покрај ова, доколку веќе развивате каков и да е бизнис или работите самостојно, ова е шанса да научите како да ја зајакнете вашата позиција и како да бидете активен дел од стартап заедницата. Настанот е отворен за сите заинтересирани посетители, а Codefest и Girls in Tech Macedonia ги покануваат сите да го посетат настанот, информираат организаторите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука