Избор Охрид

Кирил заздравува од инфекцијата на дишните патишта, хемотерапијата ќе трае 13 месеци

Охрид, 19. март 2016 (ОХРИДПРЕС) – Кирил заздравува од инфекцијата на горните дишни патишта и уринарен тракт, кои се јавија постоперативно, после што ќе треба да се спроведе хемотерапија која ќе трае 13 месеци и за што требаат огромни средства (за ова чекаме одговор од ФЗОМ со кои сме во постојан контакт).

Ова денес го напиша на неговиот профил на Фејсбук Горан, таткото на малиот Кирил. Тој додава дека броевите за донирање од сите оператори се исклучени, и дека нема потреба повеќе хуманите луѓе да се јавуваат на овие броеви.

Инаку, малиот Кирил, јунакот зад кого застана целата охридска, но и македонска јавност, пред само два дена го прослави својот прв роденден, на истиот ден кога беше најавено дека ФЗО ќе одлучува дали ќе се одобрат средства за неговото понатамошно лекување.

Неколку дена претходно пристигнаа резултатите од биопсијата, кои покажаа дека, за жал, туморот на Кирил е инвазивен и брзо се шири. по што тој беше повторно хоспитализиран.

Инаку, малиот јунак Кирил беше опериран ноќта помеѓу 7-ми и 8-ми март од страна на д-р Мемет Озек, кој по операцијата истакна дека е задоволен од постигнатото.

Зад него периодов наназад застана во знак на поддршка целата охридска, но и македонска јавност. Кирил, заедно со неговите родители се бори да ја победи тешката болест, односно туморот на мозокот – Rhabdomyosarcoma, што е редок вид на рак во примарниот мозок. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука