Избор Охрид

Бетинска: Охрид ќе биде првиот град на дисперзирани обуки на „Гастромак“ за традиционални готвачи

Охрид, 22. март 2016 (ОХРИДПРЕС) – Асоцијацијата на готвачи на Република Македонија „Гастромак“, тргнувајќи од Охрид ќе започне со организирање на нови обуки за традиционални готвачи.

Ваквите дисперзирани обуки ќе се организираат во сите градови, особено во делот на хотелиерството и ресторанската услуга, а од Охрид како најрепрезентативен туристички центар во државава започнува обуката.

– Институционално сакаме да направиме курсеви за обука за старата традиционална кујна што ја имаме, но и модерната. Тука спаѓа и вегетаријанската храна, во последно време и веганската кујна, која е се попопуларна. Наша интенција ќе биде да основаме школа за готвачи, која ќе биде отворена за сите граѓани на Република Македонија. На прагот на туристичката сезона во Охрид, се надеваме дека ќе излеземе со првите резултати, најави Кристина Бетинска, секретар и одговорна за односи со јавноста на „Гастромак“.

„Гастромак“ е асоцијација на готвачи на Македонија, регистрирано како здружение пред неколку месеци. Здружението е во фаза на согледување на потребите на гастрономијата во Македонија.

– Здружението има мисија да ја воздигне гастрономската култура во Македонија. Сите сме горди на нашата почва, на нашето овошје и зеленчук. Сите странски гости, без разлика дали се политичари, делегати, музичари, или обични туристи, сите се воодушевени од нашата храна. Ние сето тоа сакаме да го преточиме во добра гастрономска понуда, појаснува Бетинска.

На прашањето колку хотелиерите и ресторатерите треба да бидат поотворени за воведување на новитети во гастрономската понуда, додава дека услужните објекти треба полека да се дистанцираат од главната понуда „скара на кило“. Освен во генетскиот код, секој угостителски објект треба да ја практикува и негува културата кон храната.

– Во делот на тоа соработуваме и со ХОТАМ. Тие најдобро можат да ги детектираат проблемите и да се изработи стратегија, а со програми да помогнеме меѓусебно. Културата кон храната треба да ја подигнеме на едно повисоко ниво. Тоа се учи од мали нозе, од седењето на маса, собирањето на семејството, од значењето на предјадењето, кое има поврзаност и потекнува токму од нашата стара традиција, гостинот прво да се пречека со лепче и сол, па слатко, па потоа доаѓа главното јадење, дополнува Бетинска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука