Избор Охрид

Се одржа хуманитарна акција на „Тамаро“ во Охрид заедно со емисијата „Вкусот на традицијата“

Охрид, 22. март 2016 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот синџир маркети „Тамаро“ денес во објектот на „Тамаро 6“ на улицата „7-ми Ноември“ во склоп на фабриката „Братство“ организираше хуманитарна акција „Готвачите и хуманоста“, за помош на оние на кои им е најпотребна.

tamarotim

Акцијата се реализираше во рамките на снимањето на неколку епизоди од емисијата „Вкусот на традицијата“.

– „Тамаро маркетите“ како општествено одговорна организација организира настан од хуманитарен настан во тесна соработка со емисијата „Вкусот на традицијата“, со цел да им се помогне на ранливите категории на граѓани од нашиот град. „Тамаро маркетите“ се секогаш расположени за настани од ваков вид, со цел да им се помогне на лицата кои се во тешка економска ситуација. Но, настанот е интересен и за обичните граѓани, кои сакаат да видат како ќе се готви на лице место со производи кои ги обезбеди „Тамаро“. Се приготвуваат 60-на оброци, а воедно и од слаткарницата „Анабела“ приготвуваат слатки, кои заедно со оброците ќе бидат доставени до лицата од социјално ранливите категории. Истовремено „Тамаро маркетите“ беа покровители на македонските готвачи на Интернационалниот гастро натпревар, кој се одржа во Истанбул, Турција. И во иднина „Тамаро“ продолжува со вакви настани, рече Гордана Ефтоска, вработена во „Тамаро 6“.

tamarotim2

Медијатор помеѓу соработката на „Тамаро“ маркетите и „Вкусот на традицијата“ е Роса Дора од Австралија. „Тамаро маркетите“ од Охрид и Дора комплетно го поддржаа тимот на „Гастромак“ при учеството на 14-от Интернационален гастро натпревар во Турција, што претставувало почеток на соработката со емисијата „Вкусот на традицијата“.

– Денешниот настан е многу значаен, затоа што сакаме да покажеме, дека личностите, големите мајстори на кујната од Македонија, познатите шефови, се пред се, хумани луѓе. А тоа значи дека и подаруваат. Затоа е мотото на настанот „Готвачите и хуманоста“, готвиме и подаруваме, во организација на „Тамаро“ и „Гастромак“, а со поддршка на Алфа телевизија и „Вкусот на традицијата“. Знаеме секојдневно колкава количина на храна се фрла, не се користи, а многу усти се гладни. Токму затоа денешниот настан ќе биде посветен на тие семејства. Сето ова што ќе го зготват нашите готвачи со тимот на „Тамаро“, ќе се однесе за вечера на социјалните случаи во народната куја во Охрид, кажа Адријана Алачки водителка на емисијата „Вкусот на традицијата“.

vkusotnatradicijata

Од „Гастромак“ потенцираат дека соработката со „Тамаро маркетите“ од Охрид продолжува и преку наредни проекти и организирање на други настани.

– Од „Тамаро маркетите“ ни подадоа рака, согледувајќи колку сме сериозни во нашата намера за промоција на македонската кујна. Дотолку повеќе нашата обврска беше ваквата подршка да не ја изневериме. Многу ни се значајни луѓето од стопанството, како тимот од „Тамаро“ и верувам дека ќе продолжи нашата соработка. Секогаш сме расположени за соработка. Денес дојдовме во Охрид со едни од најдобрите и најпризнатите готвачи во нашата земја, објаснува Кристина Бетинска, секретар и одговорна за односи со јавноста на „Гастромак“.

gotvenje

Врвните мајстори на вкусот и храната, готвачите, кои се членови на „Гастромак“, денес приготуваа јадења во живо пред охриѓани.

– Денес готвам пилешко месо (пилешко соте) и тоа ќе го подготвам на повеќе начини. Ќе употребам намирници, кои се достапни за сите граѓани. Во однос на нашето учество на натпреварот во Истанбул, благодарни сме на тимот на „Тамаро“ за поддршката. Тоа беше мој прв натпревар на светско ниво, каде се претставив со готвење на јагнешко и риба. Освоив сребрен медал во двете категории, изјави Бобан Симоновски, готвач, член на „Гастромак“.

– Мило ми е што сум дел од „Гастромак“, јас засега сум најмлад член во ова здружение. Особено мило ми е што сум денес во Охрид. Во Турција го имав мојот воопшто прв натпревар, а освоив златен медал за приготвување риба. Во однос на комбинацијата на традиционална храна со модерна, сметам дека можат да се прават комбинации, но традицијата да се задржи, како и традиционалниот оригинален вкус, смета Бобан Билбиловски.

– Во Истанбул си поминавме одлично, таму бевме благодарение на нашите спонзори од „Тамаро“, кои денес не поканија во Охрид, да присуствуваме на овој настан од хуманитарна цел, да им помогнеме на луѓето, кои немаат средства за храна. Ова е мал придонес во една заедничка мисија да се помогне. За денес одбрав да зготвам нешто набрзина, ќе приготвувам рижото, кое во порции ќе се подели на оние на кои им е потребно, вели Зоран Андонов.

Денешниот настан во Охрид покрај готвењето, беше збогатен со музика, забава и изненадувања за охриѓани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука