Избор Култура

Наскоро прикажување на новиот македонски филм „Џган” во охридското кино

Скопје/Охрид, 23. март 2016 (ОХРИДПРЕС) – Од следната недела новиот македонски игран филм „Џган” ќе почне да се прикажува низ центрите за култура во повеќето градови низ републикава.

Филмот ќе има можност да го погледне и охридската публика.

„Џган” е дебитантскиот игран филм на режисерот Вардан Тозија. Својата премиера филмот ќе ја има на 30-ти март во Градското Кино Милениум во Скопје, а потоа ќе го продолжи својот прикажувачки живот низ кино салите ширум Македонија.

Македонски продуцент на филмот е Дрим Фектори, ко-продуцент на филмот е Red helicopter films од Албанија. Филмот е финансиски поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија, и SEE Cinema network.

Главните улоги ги толкуваат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски. Во филмот од останатата актерска екипа играат и Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Саша Чиникиќ, Ристо Буразденов и Мартин Живковски.

Поведен од слоганот на филмот дека „Никој не е роден насилен”, Вардан Тозија го изработи и сценариото, дизајнот на шминката и маските ги изработи Горан Игњатовски, костимограф е Жаклина Крстевска, дизајнер на Звук е Игор Поповски, музиката ја работеше Александар Пејовски, сценографијата е дело на Кирил Спасески и Наташа Димитриевска, директор на фотографија е Владимир Самоиловски, монтажер е Атанас Ѓеоргиев, кастингот го работеше Кирјана Николовска, а продуцент на филмот е Огнен Антов. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави