Избор Култура Охрид

Свечена академија по повод 1.100 години од упокојувањето на Св. Климент на 9-ти август

Охрид, 25. март 2016 (ОХРИДПРЕС) – По повод 1 100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент бројни културни содржини ќе се одржат на Свечената академија закажана за 9-ти август во Охрид.

Поглаварот на МПЦ г. г. Стефан, митрополитот дебарско-кичевски, г. Тимотеј, претседателот на МАНУ, Таќи Фити и академиците, Владо Камбовски, Георги Старделов и Цветан Грозданов ги утврдија активностите за овој голем настан.

Според предвиденото, Свечената академија ќе се одржи во вечерните часови на Античкиот театар. Нејзина најава ќе биде Литијата на црковни веледостојници од Македонија и останатите православни земји, охриѓани и гости а која е предвидено да тргнува од црквата „Св. Богородица-Перивлепта“ во попладневните часови. Движејќи се низ охридските сокаци до гробот на Св. Климент кај Плаошник, масата народ ќе ја пее „Тропарот“ посветена на светителот и просветител. На гробот на Св. Климент ќе се одржи Панихида, а претседателите на академиите од православните земји ќе положат цвеќе.

Од Плаошник, литијата ќе се движи кон Античкиот театар каде ќе се одржи централната манифестација-Свечена академија на која ќе говорат претседателите на Академиите од словенските земји кои ќе бидат поканети да присуствувате на настанот. Во рамки на академијата ќе се изведе ораториумот на Властимир Николовски, „Клименте“ и останатите два посветени на него. Се планира на академијата учество да земат Македонската Филхармонија и Хорот при Македонската Опера и Балет, а се предвидува и величествена сценографија која ќе прилега на овој голем настан.

Во рамки на одбележувањето на 1.100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент во куќите на Уранија и на Робевци ќе биде отворена изложбата посветена на Климент, која претходно во месец мај ќе биде изложена во Рим, а во јуни во Скопје.

Носител на програмската содржина на свечената академија во Охрид е МАНУ со поддршка на МПЦ. Во организацискиот дел на локално ниво ќе помогнат и Завод и Музеј од Охрид, фестивалот „Охридско Лето“ и Филмската Академија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука