Заокружени активностите за одбележувањето на Светскиот ден на здравјето во Охрид
Охрид, 7. април 2016 (ОХРИДПРЕС) – Здравата храна во комбинација со физичката активност, редовните превентивни лекарски прегледи и намалување на стресот, се клучните компоненти во грижата за сопствениот живот и здравје, е заклучокот од одбележувањето на Светскиот ден на здравјето, во организација на Асоцијацијата на Спортови „Спорт за сите – Сите за спорт“, во соработка со Црвен крст Охрид и фирмата за здрава храна „Био Космос“.
На Градскиот плоштад во Охрид медицинските тимови на Црвен крст Охрид вршеа бесплатни здравствени прегледи преку контрола на крвниот притисок, ЕКГ и шеќер во крв. На локално ниво со низа активности се одбележа Светскиот ден на здравјето – 7-ми април.
– Ќе обрнеме акцент на правилно, безбедно, ефикасно и одговорно укажување на прва помош во секојдневни ситуации. Укажувањето на прва помош е една важна вештина за нашиот животен циклус. Добро би било сите граѓани да знаат да пружаат прва помош. Цел ни’ е да им укажеме на граѓаните на здрав животен стил, да се подобри квалитетот на животот и да се стекнат здрави навики кои понатаму ќе се практикуваат. Во поставениот шатор и амбулантното возило, имавме мерење на крвен притисок, ЕКГ и шеќер во крвта, брз тест за ХИВ/СИДА, Хепатитис Ц, се’ со цел да ја подигнеме јавната свест за редовни превентивни прегледи кај луѓето, објасна Младен Божиновски, младински координатор во Црвен крст Охрид.
Во однос на годинешното мото по повод Светскиот ден на здравјето, „Борба против дијабетот“, каде и според податоците на Светската здравствена организација, четирикратно е зголемен бројот на лица заболени од дијабет, Божиновски додава дека смртноста од хипертезија и дијабетес е мошне зголемена.
На Градскиот плоштад граѓаните имаа можност да се потсетат колку е важна здравата хемиски непреработена храна. Имаше промоција на производите на здрава храна од фирмата „Био Космос“, со претставничката продавница во Охрид.
Според Кристина Шутароска, застапник на „Био Космос“ од Охрид, првичната скептичност кај граѓаните за овие видови на производи, во последно време е заменета со се’ поголема заинтересираност.
– Ние како „Био Космос“ можеме да им помогнеме на граѓаните во превентивата за нивното здравје, односно да им помогнеме да се хранат здраво. Она што не се во можност да го имаат од поднебјето на другите земји, можат да го набават преку нашите производи. „Био Космос“ располага и со свое производство, од палетата на интегрални крекери и колачиња, имаме и безглутенска храна, за оние кои се алергични, потоа имаме суплементи, односно капсулирана форма на одредени производи, но и во прашкаста форма, како додатоци, изјави Шутароска.
Тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид вршеа презентација на вештини и техники за укажување на прва помош и реанимација. Сите заинтересирани граѓани, меѓу кои најбројни беа најмладите, имаа можност самите да се обидат да извршат вежба за реанимација. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |