февруари 23, 2015

Лос Анџелес, 23. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Џулијан Мур и Еди Редмејн се актерите кои се закитија со Оскар за главни улоги, додека филмовите „Човек Птица“ и „Хотел Будимпешта“ зедоа очекувано по 4 статуетки.

Сепак, за апсолутен победник се смета филмот „Човек птица“ на мексиканскиот режисер Алехандро Гонзалес Инариту.

На гламурозната церемонија која се одржа во „Долби театарот“, во забавниот комплекс „Холивуд енд Хајленд“, над три часа траеше доделувањето на најпрестижните награди во светот на филмот.

Инариту доби статуетката за најдобар режисер од рацете на Бен Афлек, а другите два Оскари за филмот, беа за оригинално сценарио и за кинематографија.

Со Оскар за најдобар актер беше удостоен Еди Редмејн за „Теоријата на сè“. Одликувањето го врачи Кејт Бланшет.

Актерката Џулијан Мур, со четири претходни трки за Оскар, конечно доби своја статуетка за главна женска улога за филмот „Сеуште Алис“, каде го игра ликот на жена болна од Алцхајмерова болест. Претходните нејзините номинации беа во 2003 година за „Далеку од рајот“, за споредна женска улога во „Часовите“ (2002), во 2000 година за главна женска улога во „Крајот на аферата“ и во 1998 година за споредна женска улога во „Буги ноќи“.

oskari2

Џеј Кеј Симонс беше награден со Оскар за најдобар актер во споредна улога за филмот „Виплаш“. Американската академија за филмски уметности и наука ја удостои Патриша Аркет со Оскар за најдобра актерка во споредна улога за улогата во филмот „Момчештво“ на режисерот Ричард Линклејтер.

Полскиот црно-бел филм „Ида“ на режисерот Павел Павликовски беше награден со Оскар за најдобар филм од странско говорно подрачје.

oskari3

Наградата Оскар за песна од филм беше доделена на Комен и Џон Леџенд за „Glory“ од филмот „Селма“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Oscar

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука