Избор Охрид

Промовирана публикацијата „Регистарот на поп Јован Савев“ со податоци за охридските семејства од 1821 до 1936 година

Охрид, 25. април 2016 (ОХРИДПРЕС) – „Регистарот на поп Јован Савев“ е многу значајна публикација, која во содржи значајни податоци за семејствата во Охрид. Податоците ги има само тука и никаде на друго место, рече Илинка Јанева на денешната промоција на публикацијата „Регистарот на поп Јован Савев (1914-1918)“.

Публикацијата е во редакција на Јанева, а промоцијата се одржа во Центарот за култура „Григор Прличев” во Охрид. Како што вели Јанева, податоците за семејствата во Охрид, пред 1913 година се уништни, изгорени, или изнесени надвор од Македонија.

– Нека оваа книга биде дел од мозаикот книги кои се пишувале за Охрид, а за градот ќе се пишува уште многу, затоа што како балкански, македонски и сесловенски град, го заслужува тоа. Овој регистар е значаен. Устроен е во 1914 година, но во него се содржани податоци од 1821 до 1936 година. Има податоци за семејствата на кои им служел поп Јован Савев и тоа членови на семејствата од село Оровник и членови на семејствата од маалото Геракомија. Како и порано, така и денес, еден од свештениците служи во една црква во градот и една во околните села. Отсекогаш се знаело дека во маалото Геракомија живееле побогатите семејства. Тоа е маалото на Чаулев, на Методи Патчев, на општествено-политичките дејци, Шахов, Балавчев, така да, тие податоци се многу значајни, вели Јанева.

Регистарот е пишуван според податоците кои ги оставил самиот поп Јован Савев. Карактеристично е дека прво ги евидентирал главите на семејствата, а потоа по својата сродност и останатите членови на семејствата, мајка, син, ќерка, брат, а специфично е што во некои записи биле евидентирани и слугинките, како членови на семејствата. Во публикацијата ги има податоците за семејствата од 17-от век, кога на Козма Китински му било наредено да ги евидентира и тогаш биле регистрирани 18 семејства од маалото Геракомија. Подоцна се евидентирани семејствата на оние даночни обврзници, кои биле машки членови на семејствата, што е содржано во вид на документи во книгата на Драги Георгиев. Во тој период се опфатени околу 30 семејства. Разликата во семејствата во Оровник и маалото Геракомија е што во селската средина во едно семејство живееле по 30 до 35 лица, членови во семејството, додека во градската средина, биле од 5 до 6 членови. Најмногубројни членови биле единствено Филеви, Хаџиеви и Точкови.

Како што е содржано во регистарот, маалото Геракомија било и седиште на грчките епископи кога ја вршеле својата дејност во Охридската архиепископија. Маалото се разликувало од останатите по својот специфичен начин на живеење.

Во однос на податоците за поп Јован, тој бил првиот учител во Влашка Маала.

– Тој учителствувал во периодот од 1872 до 1875 година. Потоа го прима Светото свештенство и станува свештеник во црквата Свети Георгија во Влашка Маала, а потоа во црквата Свети Никола Геракомија. Поп Јован живеел до 1936 година и до последниот момент забележувал податоци за маалото Геракомија. А роден е 1845 година во Охрид, додава Јанева.

Јанева, како што открива, на оваа публикација работела најмалку 5 години. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука