Избор Охрид

ЕУ кулинарски натпревар во Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“

Охрид, 12. мај 2016 (ОХРИДПРЕС) – Денес Средното Угостителско Туристичко училиште „Ванчо Питошески“ од Охрид ќе биде домаќин на големиот кулинарски натпревар во подготовка на јадења од квалитетно живинско месо, што претставува меѓународен проект на Европската Унија, Република Словенија и Стопанското здружение на месна индустрија.

Охридското училиште ќе биде вклучено во првиот квалификациски натпревар, додека вториот ќе се одржи утре во Скопје,а финалето е закажано повторно во Скопје на 26-ти мај, каде ќе гостуваат најдобрите избрани екипи од квалификациите.

Охридските ученици ќе готват по рецептури, кои ги даваат организаторите од Европска унија, Република Словенија и Стопанското здружение на месна индустрија. Правилата на квалификациониот натпревар се одредени строго од самиот проект „Мое најмесо“.

Како што вели Лазо Дуноски, професор по стручни предмети во училиштето, избраните ученици од Охрид со најголем ентузијазам пристапиле кон оваа задача. Се подготвуваат околу месец дена со помош на двајца ментори-професори.

– Предвидено е од нашето училиште да учествуваат пет екипи составени од ученици. Ќе треба да приготвуваат јадење исклучиво од пилешко месо, согласно правилата утврдени со натпреварите. Ќе има стручно жири. Од тие пет екипи, најдобрата ќе оди на финале, каде ќе учествуваат ученици од Средното Угостителско Училиште „Лазар Танев“ од Скопје. Потоа учениците ќе одат заедно со нивните ментори и други професори во посета на индустријата за месо во Словенија, каде ќе имаат можност да стекнат некои нови знаења, вештини во областа на кулинарството. Се надеваме дека квалификациите во нашето училиште ќе поминат најдобро што може. Во нашето училиште имаме соодветни услови и најсоодветна опрема за одржување на еден ваков натпревар. Добро е што цело време учениците ќе бидат оставени, што се вели, сами на себе, а стручното жири нема да го оценува само конкретниот производ, туку и целата постапка на приготвувањето на јадењето, додава Дуноски.

Проектот „Квалитетно, безбедно, следено-живинско месо со потекло од ЕУ“ или популано викано „Мое нај месо“ е меѓународен проект на Европска унија, Република Словенија и Стопанското здружение на месна индустрија.

– Проектот трае три години. Во изминатиот период имавме семинари, а годинава ќе се одржуваат натпреварите. Целта е промоција на квалитетно живинско месо од Словенија, а натпреварите вклучуваат неколку чинители, како квалитет, така и комплетно производство. Ќе има две главни групи, првите групи составени од ученици, а другите од готвачи аматери, лица кои се занимаваат со кулинарство, вели Моислав Стојановиќ од партнер маркетинг агенција на проектот од Скопје.

Безбедноста на храната е еден од приоритетите на Европската унија, а со строгите правила на ЕУ се воспостави во потполност еден интегриран систем во кој сточната храна, месото и месните преработки внимателно се следат од нива до трпеза. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука