Избор Охрид

Охридската противпожарна единица годинава имала 104 интервенции

Охрид, 20. мај 2016 (ОХРИДПРЕС) – Оваа година Територијалната противпожарна единица Охрид имала вкупно 104 интервенции, од кои 60 биле на објекти, 37 на отворен простор и 7 интервенции биле на патнички и други моторни возила.

Оваа бројка претставува намалување во однос на предходната година, но со оглед на фактот дека метеоролозите годинава најавуваат најтопло лето во столетието, охридските пожарникари апелираат на максимално внимание од страна на граѓаните.

– Споредбено со предходната година, кога имавме вкупно 287 интервенции, тенденцијата по бројно зголемување во досегашниот период ни’ дава за право да заклучиме дека оваа година, може да имаме помал број на пожари. Но, според предвидувањата на метеорлозите за најтопло лето кое ќе го имаме годинава, можни се појави на пожари поради невнимание на одредени граѓани при нивното движење. Затоа апелираме со сите граѓани на општина Охрид и до сите граѓани на Република Македонија, кои ќе го посетат Охрид, внимателно да се однесуваат на отворен простор, а огнот да го користат само за краткотрајна потреба и да го имаат под контрола, порача командирот на територијалната противпожарна единица Охрид, Спасе Прентоски.

Од пожарната додаваат дека граѓаните не треба самите да се обидуваат да ги гаснат пожарите од среден и поголем обем, туку секогаш да побараат итна помош на добро познатиот број 193.

Во однос на опремата со која моментално располагаат охридските пожарникари, оттаму велат дека се задоволни од донациите кои досега ги имале, а во иднина очекуваат зголемување на возниот парк.

SDC15188

– Сме задоволни со она што го имаме, додека за следната година имаме ветување дека ќе добиеме теренско возило, кое што навистина ни’ е потребно. Исто така, имаме потреба од поголем број на пумпи, кои ќе ни’ помогнат во одредена ситуација да не мораме да излегуваме на терен со тешко противпожарно возило, туку можеме со неколку пумпи, додава командирот Прентоски.

Охридските пожарникари достојно го одбележаа Денот на пожарникарството во Република Македонија, 20-ти мај. Се одржа дефиле на противпожарните возила низ улиците на Охрид, а професионалната противпожарна единица ја презентираше пред јавноста опремата со која располага. Пожарникарите се вклучија и во крводарителска акција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави