Избор Охрид

Лазаревска: Како Охрид како општина учествува во меѓународни проекти?

Охрид, 26. мај 2016 (ОХРИДПРЕС) – Кое е учеството на Општина Охрид и од каде ги добива насоките за учество во проекти за тематски менаџмент активности или интеррегионално управување со културното наследство, рече советничката на советничката група на СДСМ Охрид, Жаклина Лазаревска, во рамките на расправата на педесет и четвртата седница на Советот на општина Охрид.

– Очигледно е дека нема желба да се разјаснат работите. Јас поставувам прашање до претставникот на секторот, дали вие имате целосно поим во овие проекти, кое е учеството на Охрид како општина. Не се сомневам дека вие од Владата ги добивме овие предлози да учествуваме како општина во вакви проекти. Конкретно за проектот број три, „Ирк-хермес“, за кого што зборувам, која е фукцијата и улогата на вашиот сектор и на општината и зошто не сакате сите тие информации кои ги имате да ги споделите со сите советници јавно, дополна Лазаревска.

Претставникот на Секторот за туризам и локален економски развој, Дејан Мицкоски, во склоп на образложувањето на Предлог Одлуката за учество во проектите „Вотеренерџи“, „Прикторија“, „Ирк-хермес“ и „Крос4ол”, додаде дека во проценката во која област и со каков проект може Општина Охрид да учествува и да добие европски средства, стручните лица во секторот имаат апсолутна слобода.

– Ние нашите анализи ги правиме со нашите партнери, со кои со години наназад работиме. Одлуките со каков проект може Општина Охрид да аплицира, се презентираат на сите органи на општината во таа фаза на подготовка и испитување на можности. Сопственото учество е обезбедно од страна на Владата на Република Македонија, меѓутоа 15 проценти од тоа сопствено учество се исплаќа врз основа на проектни активности до финален финански извештај. Општина Охрид директно со сопствени средства не е задолжена во било кој проект, кажа Мицкоски.

За време на жестоката расправа од опозицијата на градскиот совет беше побарано овие точки да се вратат на повторно разгледување на комисија, што по гласањето не беше усвоено.

Како што додаде советникот од ЛДП, Дејан Блажевски, непродуктивните дискусии кои ја одбележаа денешната седница, биле резултат на недоставувањето на деталните информации до сите советници.

– Немојте да бидете сензибилни кога ве прашуваме врз основа на што сте донеле одлука. Секој ваш глас е ваше право, но едно заборавате, ова е јавна функција и секое „за“ и „против“ имаат аргументи и имаме право да зборуваме за тоа. Кога станува збор за точки во интерес на градот, нема да дозволиме така да се изгласаат, потенцираше Блажевски.

sovetsednica2

Според претседателката на Советот на Општина Охрид, Гордана Коњановска, која го искористи своето советничко право да се јави за збор, можноста која ја добива градот Охрид за учество во вкупно четири меѓународни проекти, е сама по себе престиж за негов развој.

Актуелната советничка од СДСМ, Оливија Пирузева – Јанева, во врска со пакет предложените точки за учество на Охрид во меѓународни туристички проекти, ја повика комисијата за финансии пред чиј дневен ред се нашле овие точки, за кои била донесена одлука без расправа. Како членовите на оваа комисија не беа достојни да побараат објаснувања и не знаејќи, гласаа „за“, праша Пирузева Јанева.

На дневниот ред од вкупно 87 точки се најде и точката Предлог Одлука за исплата на долгот на ОУ„Григор Прличев“ – Охрид кон ЕВН Македонија за потрошена електрична енергија и бројни точки за донесување на повеќе урбанистичко-плански документации. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави