Од утре започнува екстерното тестирање за основците и средношколците
Охрид, 1. јуни 2016 (ОХРИДПРЕС) – Наспроти полагањето на државната матура, кое ги очекува матурантите, останатите ученици од основно и средно образование се подготвуваат за екстерното тестирање.
Распоредите за екстерното тестирање на учениците од четврто одделение во основно образование до трета година во средно образование се објавени на интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk. Секој ученик може да ги погледне датумот и часот кога ќе биде тестиран, додека за наставните предмети ќе биде информиран 3 дена пред датумот на полагањето, исто така преку наведената интернет страница.
Процесот на екстерната проверка на постигнувањата на учениците и проверка на објективноста на оценувањето на наставниците ќе се реализира во периодот од втори до десетти јуни и ќе опфати вкупно 183.280 ученици и 17.803 наставници.
Јавниот базен со прашања, објавен на интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk содржи вкупно 445.700 прашања на македонски, албански, турски и српски јазик по вкупно 7.560 предмети. За секој предмет се генерирани прашања во зависност од неговата застапеност во наставниот план, односно бројот на часови. За предмет застапен со 1 час неделно, генерирани се 100 прашања, за предмет со 2 часа неделно генерирани се 200 прашања, за предмет застапен со 3 часа неделно генерирани се 300 прашања. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |