Мемети: Лоши услови во малолетничкиот затвор во Охрид
Охрид/Скопје, 1. јуни 2016 (ОХРИДПРЕС) – Катастрофални услови и нехуманост, вака народниот правобранител Иџет Мемети ги оцени условите во воспитно-поправниот дом за деца и малолетници кој од Тетово неодамна е преместен во Охрид.
На оваа установа во изминативе седум години ѝ е намален буџетот за педесетина проценти и нема пари за подобрување на условите, вработување на нови кадри или пак осмислување на новитети.
Во овој објект сместени се 35 деца. Од нив 25 се машки и 10 женски. Постојан лекар за нив нема. Ако некое дете има потреба од лекарска нега, по телефон ќе биде повикан лекар од Охрид, кој во зависност од обврските кога ќе биде слободен ќе дојде да го прегледа детето, пренесува Плус Инфо.
– Децата се пожалиле дека стражарите во 22 часот им ги затвораат вратите и не можат да одат во тоалет. Наставник нема. Одвреме-навреме некој од стражарите ги образува. Откриено е дека на децата дневно им се давало од 0,5 до 20 милиграми „дијазепам“, рече Мемети.
Како што додал во извештајот правобранителот Мемети, според семејниот статус, две деца потекнуваат од финкционални семејства, а 21 се од дисфункционални. Најголем број од децата се од семејства со низок материјален статус, без приходи и со нерешено станбено прашање кои зависат од социјална помош. Во оваа установа, нема соба за децата од различни вери да можат да ги остваруваат своите верски обврски, а често се случувало врз нив затворските власти да применуваат и сила како мерка за превоспитување, но и за одржување на редот и мирот.
Иако во земјава задолжителни се основното и средното образование, а некои од децата имаат само делумно основно, ниту една државна институција, ниту министерствата за правда и за образование и наука не се загрижени да им го овозможат тоа што со Устав и Закон им следува. (Крај)
извор: Плус Инфо фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |