Македонија

Меѓународните експерти препорачуваат реализирање на договорот од Пржино

Скопје, 3. јуни 2016 (ОХРИДПРЕС) – Тројца од четворицата лидери потписници на договорот од Пржино формално веруваат во него и во можноста неговото реализирање да овозможи излез од политичката криза, но ниту еден од нив не презеде ништо конкретно за одредбите од договорот целосно да се исполнат.

Во повеќе наврати договорот од Пржино беше прекршуван, па дури и миниран во неговите основни постулати поради што беше доведена во прашање неговата функционалност. За лидерот на ДПА, Мендух Тачи, овој договор веќе одамна е мртов и вели дека не може да биде основа врз која може да се бара излез од политичката криза, пишува Утрински весник.

Една година по потпишувањето на договорот од Пржино, кој беше постигнат со директен притисок на меѓународната заедница, под покровителство на ЕУ и САД, за малку точки може да се каже дека се реализирани. Освен формирањето на Специјалното јавно обвинителство, кое функционира во рудиментирана форма, со низа опструкции и несоработка со клучните државни институции, сите останати точки се далеку од реализирање во онаа смисла во која тоа беше договорено од Пржино. Дури и оставката на поранешниот премиер Никола Груевски не може да се каже како целосно исполнување на договореното, бидејќи неговото присуство и влијание во државниот апарат не е исклучено, ниту пак намалено.

Целиот процес дополнително го закочи одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да даде масовна аболиција, односно да помилува 56 актуелни и поранешни државни функционери и нивни соработници. Штетата што ја направи оваа одлука, ни малку не е поправена со делумното повлекување на помилувањата. Од 12 април кога беше објавена аболицијата, сите процеси за реализација на договореното од Пржино замреа, прекинаа сите меѓупартиски преговори, а целото внимание е насочено кон притисокот врз Иванов аболицијата целосно да биде повлечена.

И покрај сите проблеми со кои се соочи реализацијата на договорот од Пржино, за меѓународната заедница тој и понатаму е единствената опција кога е во прашање политичката иднина на земјата.

Буквално синхронизирано, за два различни медиуми, (не)успешноста на договорот од Пржино го коментираа заменик-помошникот државен секретар за Европа и Евроазија на Стејт департментот Хојт Ји и амбасадорот на САД во земјава Џес Бејли. И двајцата порачаа дека излез од политичката криза може да има само преку реализирање на неопходните реформи и создавање услови за кредибилни избори.

– Веруваме дека инволвираните страни во кризата во Македонија можат да најдат начин да излезат од неа. На одлуката да не се одржат изборите на 5 јуни гледаме позитивно, иако, секако, како и сите други, се надевавме дека ќе можеа да се организираат. Сепак, условите не беа поволни, така што мило ни е што страните ги одложија овие избори, изјави Ји за Гласот на Америка и додава дека очекувањата на САД се избори да има што е можно поскоро, најскоро до 2017 година.

Амбасадорот Бејли во изјава за Дојче веле децидно порачува „Договорот од Пржино е жив“ и повторува дека аболицијата мора целосно да се повлече.

Интересна е оцената на европарламентарецот Едуард Кукан, кој доаѓа од сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ. Тој минатата недела, речиси на една година од договорот од Пржино, оцени: – По потпишувањето на аболицијата, но и низа други прекршувања, целиот процес е вратен една година назад. Но, според Кукан, вината за тоа не лежи само во владејачката партија, туку кај сите потписници на договорот.

За разлика од внимателниот оптимизам на меѓународната заедница, лидерот на опозицијата Зоран Заев на крајот на минатиот месец и официјално договорот од Пржино го прогласи за мртов. Повод за ваквата изјава беше одлуката на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ Никола Груевски и Али Ахмети да ја вратат политичката Влада во функција, односно да ги разрешат министрите на СДСМ кои беа дел од техничката влада за спроведување избори. Според него, најсериозната алка од овој договор е организирање на Владата за подготовка на изборите и спроведување на самите избори. Сепак, Заев во последното интервју повторно му даде шанса на договорот од Пржино и порача дека тој може да се реафирмира дека до октомври може да се подготват услови за фер и демократски избори. Според него, предуслов за продолжување на политичкиот договор за решавање на политичката криза е повлекувањето на сите аболиции кои ги даде претседателот Ѓорге Иванов.

– Веруваме дека во летниот период ќе биде јасно дефинирано како да излеземе од кризата. Летото во секој случај нема да биде спокојно и мирно. Се’ зависи од тоа што ќе се случува до крајот на јуни, изјави Заев.

Во ВМРО-ДПМНЕ, исто така, се’ уште му даваат шанса на договорот од Пржино, со тоа што според нивната оцена, поголем дел од документот е реализиран, останаа само изборите од кои, како што велат, Заев упорно бега. Партискиот портпарол Иво Котевски тврди дека најголем дел од обврските се имплементирани – измените во Изборниот законик, формирањето нов состав на ДИК, утврдување на методологијата за прочистување на избирачкиот список, политичкиот договор за платеното рекламирање пред изборите, формирањето на СЈО и неговото финансирање, формирањето на техничката влада како и оставката на премиерот Никола Груевски на 100 дена пред изборите.

– За жал, 24 април како изборен датум беше погазен од Заев, истото се случи и со 5 јуни. Заев повторно избега од избори. Договорот од Пржино за него е инструмент како СДСМ да се дограби за власт без избори. Од тие причини, кога Заев отворено призна дека бега од избори беше вратена политичката влада, вели Котевски и нагласува дека за ВМРО-ДПМНЕ не е спорно дека техничка влада ќе се формира на 100 дена пред одржувањето на парламентарните избори. (Крај)

извор: Утрински/Дојче Веле фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави