Избор Култура

Охриѓаните Мише и Целкоски со свои дела на уметничкиот Фестивал на Франкофонијата во Созопол

Созопол/Охрид, 3. јуни 2016 (ОХРИДПРЕС) – Од вечерва до 8 јуни во бугарскиот град Созопол, ќе биде отворен Шесттиот Интернационален Фестивал на Франкофонијата “Soleil” (Солеј).

Нашата земја, претставена од Културно-информативниот Центар на Р. Македонија во Софија, по втор учествува на оваа значајна франкофонска манифестација. Годинава, со свои културни програми ќе се претстават освен нашата земја и Франција, Белгија, Романија,Турција, Грузија, Мароко, Либан и домаќинот Бугарија.

Република Македонија годинава е претставена со неколку програми. Во рамките на Меѓународната ликовна колонија учествуваат академските сликари Мирјана Крстева-Масети, Андријана Мациев, Иво Пецов и Марјан Ѕингаров.

На 6 јуни, Р. Македонија ќе понуди целодневна програма. Во рамките на оваа програма како учесници со свои ликовни концепции ќе се претстават охриѓаните Зоран Мише и Павел Целкоски.

Најпрво, во просториите на Советот на Општина Созопол, директорот на македонскиот Центар во Софија м-р Васко Шутаров ќе одржи предавање за дипломатскиот протокол, пред ученици од средните училишта во Созопол. Вечерната програма продолжува со отворање на ликовната концепција “Конекција 2”, на која ќе бидат претставени дела на 13 македонски ликовни уметници, Слободан Милошески, Зоран Мише, Горан Тричковски, Павел Целкоски, Перица Георгиев, Иван Стоименов, Адриана Јованоска, Ице Огненовски, Јовица Миленов, Маријана Иванова, Јана Луловска, Марјан Ѕин и Иво Пецов. Истата вечер, во 20 часот, целовечерен концерт ќе имаат Момчило Куфојанакис (виолина) и Весна Ангелова-Христова (пијано). И во ликовната концепција и на концертот ќе бидат претставени дела со француска тематика и интерпретирани композиции од француски автори. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави