Екипа од 170 луѓе дел од Ракометниот камп „Кире Лазаров“ во хотелот „Аквалина“
Охрид, 15. јуни 2016 (ОХРИДПРЕС) – Се прават последните финални подготовки за кампот „Кире Лазаров“ во Охрид, кој официјално започнува во петок, 17-ти јуни.
Кампот ќе се одржува во две смени во комплексот на хотелот „Аквалина“: првата од 17 – 23 јуни, а втората од 24 – 30 јуни.
Терените кои ќе се користат за активностите во рамките на кампот, се комплетно подготвени, информираат од хотел „Аквалина“ – Охрид, кои се домаќини на популарниот ракометен настан.
– Се’ е подготвено, сите терени се во ред, по пропишаните стандарди. Плажата е исто така уредена. Ни’ останува да го подготвиме уште специјалното спортско мени. Двата терени се средени, едниот е со гумирана подлога, а другиот терен е од течна гума со акрил од најдобриот европски производител Касали (Италија), само за да нашите учесници ги имаат најдобрите услови. Во нашиот хотел ќе се сместат 140 деца и плус екипа од тренери, медицински лица, вкупно околу 170 гости, вели Марјан Николески, директор за храна и пијалоци во хотел „Аквалина“ – Охрид.
Освен тренинзите, предвидени се голем број на рекреативни игри, забава за најмладите, а многу македонски спортисти и успешни фирми ќе инвестираат во градење на успешна спортска иднина во нашата држава.
– Со Кире делиме исти вредности, како компанија во многу наврати сме ги помагале младите и во ниеден момент не се двоумевме дали да бидеме партнери при организацијата на овој одличен проект, вели Роберт Јакимовски, техничкиот директор на градежната компанија Голден Арт, која се јавува како една од главните фирми-помагатели на овој камп. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива/Аквалина
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |