Струга, 26.февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во втора половина на март ќе се пушти во употреба Спортската сала во Вевчани, најави градоначалникот на општина Вевчани Цветомир Угриноски на денешната прес-конференција осврнувајќи се на развојната програма на општината за годинава.
-Оваа спортска сала е со 500 седишта а, нејзината вредност е околу 800 000 евра, финансирана од Влада на Република Македонија преку Министерството за образование и наука, рече Угриноски, додавајќи дека е изработен проект за хортикултурно уредување на целиот образовен, спортски и рекреативен комплекс.
Тој најави дека годинава општина Вевчани ќе добие и нов Генерален урбанистички план.
-Претходниот план беше донесен во 1999 за плански период од 10 години. Процесот на системски трансформации во државата наметнува поинакви урбанистички одговори за просторните потреби. Одржливиот развој ќе е принципот на кој ќе се поставува планскиот концепт. Целта на планскиот концепт е да изврши хармонизација на просторните чинители во единствен препознатлив амбиент со дефинирани функции, односно наменски употреби на земјиштето.Поделбата на опфатот и намената на површините ќе се врши во блоковски систем, додаде Угриноски.
За шест месеци, според него, општината ќе изработи и план за управување со Споменикот на природата „Вевчански извори“.
-Во првата половина од 2015 година се очекува да започне инвестицијата за изградба на бензиска пумпа од страна на Макпетрол. Оваа инвестиција ќе значи и отворање на нови работни места. Во 2015 ќе го реализираме проектот за доградба на канализациската мрежа со кој одделни делови ќе се опфатат со сепарациска канализациска мрежа по што таа ќе се поврзе со постојниот канализациски систем. За овој проект се одобрени средства во висина од 100.000 евра од Европската инвестициона банка преку Министерството за транспорт и врски, рече вевчанскиот градоначалник.
Како што истакна тој, се изработи и физибилити студија за изградба на ски -центар на Јабланица и општината оваа година очекува од Владата на Република Македонија да даде зелено светло за изработка на мастер план за ски центарот на Јабланица.
-Изработивме проект за изградба на заобиколен пат околу „ОУ Страшо Пинџур – Спортска сала – Детска градинка Планински цвет Вевчани“, изработивме проект за реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во мулти функционален објект, изработивме проект за доизградиме кејот по должината на Вевчанска река,а во завршна фаза е и изработката на проектот за изградба на крак од регионален пат „Вевчанка – Здравствен дом Светозар Чочороски – Вевчани“, најави Угриноски.
Како што беше речено на денешната прес-конференција, општината годинава ќе изработи Основен архитектонско урбанистички проект за Центар Вевчани“, а ќе продолжи и со подобрување на патната инфраструктура во општината.(Крај)
извор:ОхридПрес фото:ОхридПрес