Костоска: Нашето училиште ја имаше честа тука да предава професор со врвни квалитети како Влатко Димитров
Охрид, 21. јуни 2016 (ОХРИДПРЕС) – Колегите, спортски работници и бројни почитувачи на ликот и делото на спортскиот тренер и професор, Влатко Димитров, денес се збогува со него.
На комеморативната седница, која денеска се одржа во Средното Општинско Стручно Училиште „Св. Кирил и Методиј“ се обрати директорката на училиштето, Славица Костоска.
– Тешко е да се поверува дека отсега доаѓајќи на работа, нема да го сретнеме, да не’ пречека нашиот колега, Влатко Димитров. Сите колеги не можеме да поверуваме дека го нема. Неговото ненадејно заминување, не’ растажи сите нас. Беше тивок, но енергичен човек, неуморен, амбициозен, храбар и непоколеблив, полн со ентузијазам. Секогаш беше доследен на своето мото, Во здраво тело, здрав дух. Беше човек од кој може секој да учи. Беше професионалец, со беспрекорна дисциплина и исполнителност. Од него можевме да научиме дека, ако на работата и’ се пријде со љубов, таа може да биде повеќе задоволство, отколку товар, рече во својот емотивен говор Костоска.
Додаде дека целиот наставен колегиум од училиштето се гордеел со неговите бројни постигнати успеси на полето на афирмација на спортот и работењето со младите таленти, со генерации наназад. Влатко Димитров беше познат спортски работник и легенда во охридската и македонската атлетика.
– Како тренер во Атлетскиот клуб „Охрид“ создаде плејада од врвни атлетичари, кои имаа значителни резултати на домашните и меѓународните натпревари, освојувајќи бројни медали и признанија. Долго време професорот Димитров ја предводи и атлетската федерација на Македонија. За својата пожртвувана работа и резултатите во спортот, и тој и АК „Охрид“ и АФМ се добитници на бројни општествени признанија и награди. Можеме само да наброиме дел од нив, учество на преку 1 500 државни натпревари, повеќекратен освојувач на натпреварите во Република Македонија, соборено преку 120 рекорди во сите спортски категории, 20 европски и пет светски првенства, учество на повеќе спортски фестивали за млади. И уште бројни други заслуги, кои остануваат запишани детално во архивите. Настрана од неговата висока професионалност, загубивме прекрасен колега и соработник, драг пријател и другар, а пред се’ човек, дополна Костоска.
Таа во последните зборови за збогување со Димитров, истакна дека Средното Општинско Стручно Училиште „Св. Кирил и Методиј“ ја имало честа како образовна инстутиција, во неа да работи човек со атрибути како „колегата Влатче“.
– Почитуван колега Влатче, драг пријателе, болката што ја чувствуваме во овој миг, ги зема сите зборови што сакаме да ги кажеме за тебе, го заврши говорот Костоска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |