Економија Струга

Општина Струга потпиша спогодба за основање локални Економско-социјални совети

Струга, 27. јуни 2016 (ОХРИДПРЕС) – Потпишувањето на спогодбата за основање локални Економско-социјални совети во Општина Струга се одржа во општинската зграда.

Локалните економско-социјални совети (ЛЕСС) ќе имаат консултативно-советодавна функција, ќе разгледуваат прашања и ќе даваат мислења, предлози и препораки до градоначалникот и Советот на Општината за одредени прашања од економско-социјалната сфера.

Потписници на спогодбата за основање ЛЕСС Струга се градоначалникот на Општина Струга, Зијадин Села, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски, претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, и претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски.

Во советите ќе партиципираат и претставници од Центрите за вработување на општините, средните училишта, како и од невладините организации и здруженија на граѓани. Крајната цел на проектот е подобрување на трипартитниот и бипартитниот социјален дијалог како начин за постигнување економски развој и социјален напредок. Проектот има сеопфатен пристап и има за цел да обезбеди техничка поддршка на институциите и учесниците во процесот на социјален дијалог преку три меѓусебно поврзани компоненти: Зајакнување на социјалниот дијалог на национално и локално ниво; Поттикнување на колективното договарање и воспоставување инфраструктура за колективно договарање на ниво на сектор и Воспоставување механизам за мирно решавање на работните спорови. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави