Избор Охрид

Советниците со бројни забелешки и предлози за подобрување на сообраќајната безбедност

Охрид, 28. јуни 2016 (ОХРИДПРЕС) – Донесувањето на Програмата за летен режим на сообраќај во Охрид, секоја година е со минимални промени, а тоа не влијае во подобрувањето на општата безбедност во период кога двојно и тројно се зголемува протокот на возила и учесници во сообраќајот, реагираат од опозицијата на градскиот совет.

Дел од советниците од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, пак, предложија извесни промени во истата програма за следната сезона.

Во рамките на денешната расправа на Седницата на советот во врска со оваа точка, советникот Јоне Станкоски од советничката група на ВМРО Народна Партија, се интересираше службите за сообраќај да објаснат како ќе се користи полигонот во делот на паркирањето.

– Треба да знаеме дали полигонот ќе функционира како паркинг со наплата или пакинг без наплата и кој ќе стопанисува со него. Јас како советник се чувствувам поразен, затоа што ништо не е променето во делот на сообраќајот налето, од она што години наназад се случувало, вели Станкоски.

Советникот од советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски посочи дека веќе четврта година ја нема најавената сообраќајна студија за организирање на летниот режим на сообраќај во Охрид.

– Беше најавувана и сообраќајна студија за велосипедската патека, а ни неа ја нема. Беше најавувано исто така дека ќе се набавува некаков софтвер за паркинзите, но тоа се само ветувања и една крајна неисполнителност. За да зборувам за оваа програма, пред мене треба да има стручно мислење од стручни институти, кои што се занимаваат со вакво мислење. Се’ друго е паушално. Дали режимот на сообраќај за локалните патишта и улици е донесен во согласност со Министерството за внатрешни работи, праша Стојаноски.

Според советничката Жаклина Лазаревска, неколку години наназад има сообраќаен хаос во Охрид, а посебно во централното градско подрачје и во стариот дел. Таа смета дека локалната самоуправа во Охрид треба да почне да размислува за враќање на рампите за паркинг.

– Очекувам дека и оваа година истото ќе се случува. Мене ме загрижува како граѓанин, дека на делот на кружните текови по „Туристичка“, има зголемен број на полесни сообраќајни незгоди. Се прашувам, ако сега е така, како ќе биде во летниот период кога тука ќе има и голем проток на возила и пешаци. Во делот на паркинзите, прецизирано е каде се врши наплата, а каде не. Имам една сугестија, на пример кај училиштето „Свети Кирил и Методиј“ и гимназијата „Свети Климент Охридски“ има голем простор, кој може да се искористи како паркинг простор, а тие средства и добро би им дошле на училиштата, во периодот кога учениците се на летен одмор, кажа Лазаревска.

Советничката Оливија Пирузева Јанева кажа дека најавата за изградба на катни гаражи останала само на ветување, а за сметка на тоа сите помали улички низ Охрид се претворени во мини паркинг зони.

– Катните гаражи без ветени, но од нив ништо нема. Со нивната изградба во голем дел ќе се решеше проблемот со паркирањето во централното градско подрачје. Во поглед на кружните текови, не сме свесни што ќе се случи кога ќе надојде уште првиот бран на туристи со нивните возила. Навистина толку непрофесионално се сработени. Препорачувам да се изработи анализа за функционирањето на тие кружни текови, додаде Пирузева Јанева.

Советникот Дејан Пановски од советничката група на ВМРО ДПМНЕ предложи во врска со летниот режим на сообраќај да се преземаат во иднина и подрастични чекори. Негов предлог е во стариот дел на градот целосно да биде забранет режимот на сообраќај во екот на туристичката сезона.

– Сообраќај во стариот дел на градот, посебно во летните месеци, не треба да има. Не само од аспект на безбедноста, туку од аспект и на културното наследство. Има движење на возила, вибрации, гасови кои го загадуваат воздухот, тоа е потенцијален ризик за културното наследство. Тоа е еден важен сегмент кој секогаш го забораваме и секогаш одиме со премисата, интересите на граѓаните. Ние сме тука за интересите на градот Охрид, додека за граѓаните, тоа е една друга категорија. Интересот на Охрид е прв, а потоа граѓаните. Да се направи обид да се затвори за сообраќај стариот дел на градот во летната сезона. Траба да сфатиме дека од аспект на развој на туризмот, таму ни’ е врвот и треба да направиме една стратегија која ќе се однесува на тој момент. Јас предлагам и воведување на платена влезница, без која нема да смее да се влезе во стариот дел на градот, дополна Пановски.

Од први јули сообраќајот во Охрид ќе се одвива според летниот режим, со ограничувања и целосни забрани за движење на моторни возила на одредени улици и делови во централното градско подрачје. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави