Избор Спорт

„Белите“ закитени со злато, сребро и бронза на „Охрид ТОП ТИМ 2016“

Охрид, 28. јуни 2016 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве со успех заврши второто издание на младинскиот фудбалски турнир „Трофеј Охрид ТОП ТИМ 2016“.

Оваа година турнирот беше проширен со уште две натпреварувачки категории, но во својот стандарден и препознатлив формат. Повеќе од 300 дечиња од повеќе градови од Македонија одиграа над 50 натпревари во генерациите 2002-ра, 2004-та, 2005-та, 2006-та и 2007-ма.

– Фудбалерите на ФК „Охрид ТОП ТИМ“ имаа мошне забележителен резултати. Игравме одличен фудбал, а притоа бранејќи ги боите на нашиот клуб и нашиот град со големо срце, стигнавме до едно злато, едно сребро и една бронза, надополнети со две индивидуални награди за најдобар стрелец и најдобар голман. Генерација 2007-ма без неколку стандардни играчи кои од оправдани причини не можеа да го дадат својот придонес и комбинирана со играчи од 2008 година, стигнаа до полуфиналето на турнирот. Најпрво во натпреварите по групи беа минимално поразени од струшки „Караорман“ со 1:2, по што со убавата победа над битолски „ЛГ“ од 1:0 се пласираа во елиминацискиот дел на турнирот. Најпрво, во четвртфиналниот натпревар беа убедливи против Евро фудбал 2 Вардар Охрид и го добија натпреварот со сигурни 2:0, по што следеше возбудливо полуфинале со Њу Старс Скопје кое им припадна на скопјани со 2:3. Заморот на фудбалерите беше видлив во натпреварот за третото место против ЛГ кое со минимални 0:1 го добија битолчани. Најдобар стрелец на турнирот во оваа генерација беше нашиот фудбалер Максим Наумоски, информираат од клубот.

ohridtoptim1Додаваат дека далеку подобар настап од минатата година, но во уште поголема и посилна конкуренција имаа фудбалерите од генерација 2006.

– Најпрво во натпреварите по група, по победите над Борец Велес и Тоталфудбал Ресен, стигнавме до првото место и обезбедивме директен пласман во полуфиналето. Во натпреварот кој водеше до финале, нашите во добра игра испуштија водство над струшки Караорман и загубија со 1:2, со што се пласиравме во малото финале. Во борбата за третото место игравме со одличниот тим на скопски Њу Старс кој го добивме со 1:0 што беше доволно нашите момци да ја освојат бронзата на овој турнир. Добар настап имаа фудбалерите од генерација 2005 за кои не настапија играчи од ген. 2006 и кои со дел од своите играчи помогнаа и во генерација 2004. Одиграа неколку добри и ефикасни натпревари и на два натпревари во групите пропуштаа сигурни водства. Најпрво на два пати водевме на натпреварот со Борец од Велес кој на крајот заврши со 2:3 за велешани, а убедливото водство од два гола разлика против скопски Њу Старс беше неутрализирано за конечни 3:3. Во четвртфиналето, ослабени со неиграњето на неколку играчи го загубија натпреварот со Евро фудбал 2 Вардар од Охрид. Неверојатен турнир во силна конкуренција одигра генерација 2004. Најпрво во натпреварите по групи го совладаа скопски Њу Старс, а потоа со пресврт, откако на полувреме губеа со 0:2 го добија Тоталфудбал Ресен со убедливи 5:2, по што директно влегоа во полуфиналето. Тука се сретнавме со добрата екипа на ФК Велешта и повторно направивме чудо. Натпреварот го губевме со 0:3, за во последните 15 минути да тргнеме на се или ништо и да стигнеме до неверојатен пресврт и конечни 3:3. По изведувањето на пеналите, нашите шутираа без грешка и по конечните 3:1 обезбедивме пласман во финалето. Тука се сретнавме со силната екипа на ЛГ Битола од која претходно на два пати загубивме на турнирот во Струга. Одличната игра вроди со плод, па иако не успеавме да постигнеме гол, не им дозволивме на противниците да се заканат и натпреварот заврши со 0:0 по што повторно се изведуваа пенали. Нашите повторно беа максимално сигурни со што заслужено стигнаа до златниот медал и шампионската титула, а Кадир Ибраихим доби одличје за најдобар голман на турнирот, објавија на официјалната веб страна на ФК „Охрид ТОП ТИМ“.

Натпреварите во генерација 2002, како што веќе пишувавме се играа минатиот викенд, белите по победата на битолчани, екипата на ЛГ, стигнаа до финалето, во кое екипата на ГФК Неготино стигна до злато, а нашите фудбалери се закитија со сребрениот медал и вицешампионската титула. (Крај)

извор: ФК „Охрид ТОП ТИМ“ фото: ФК „Охрид ТОП ТИМ“

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука