Избор Охрид

Животна приказна: Ивана од Охрид преку медиумите го бара биолошкиот татко

Охрид, 30. јуни 2016 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанката Ивона Серафимовска веќе неколку години трага по својот татко Љупчо, од кого има само една стара фотографија, јави неделникот „Фокус“.

Родена во Неготино на 19-ти ноември 1981 година, таа веднаш била дадена во домот за доенчиња и деца во Битола, а потоа и посвоена. Кога пред пет години дознала дека е посвоено дете, веднаш ја започнала својата потрага по своите биолошки родители. За кратко време успеала да ја најде својата мајка, но од татко и’ немало ниту трага, ниту глас. Серафимовска апелира до читателите на „Фокус“ да и’ помогнат да го најде својот родител, бидејќи сакала да си ги дознае корените.

– На мои пет-шест месеци сум била посвоена од домот во Битола, а на моето картонче пишувало Ангела Александро, родена во Неготино. Кога дознав дека сум посвоено дете, ми се сврте светотот, но решив да си ги пронајдам биолошките родители по секоја цена. Успеав да ја најдам мајка ми, таа е по потекло од Неготино и ми кажа дека се запознала со татко ми Љупчо кога имала само петнаесет години. Колку што сум информирана, тој бил работник на терен во „Гранит“ и потекнувал од Охрид, каде што и јас сега живеам, или пак од Струшко, ги немам точните податоци. Често доаѓал кај мајка ми, им кажувал на нејзините родители дека има сериозни намери со неа, но кога таа му кажала дека е бремена, повеќе не се појавил. Не знам колку е тоа точно и не знам дали тој воопшто знаел за мене. Но. успеав да дознаам дека пред десет години, тој отишол во Неготино, во куќата на родителите на мојата биолошка мајка, и ја побарал. Таа има свое семејство и живее во друг град, но јас претпоставувам дека тој дознал за мене, па затоа и се решил да ја побара после сите овие години. Други податоци кои што ги имам за него се дека неговиот татко во 1980/1981 година работел во Македонската Амбасада во Албанија. Исто така дознав дека татко ми пред 38 години живеел под кирија во Охрид со неговата девојка која што се викала Розе. Сега имам сознанија дека живее во странство, вели Ивона.

Таа додава дека нема да се чувствува целосна се додека не го пронајде Љупчо. Не сака ништо материјално од него, туку само да му го види ликот и да го праша дали воопшто знаел дека има ќерка.

– Се надевам дека некој од читателите на „Фокус“ кои што ги има во голем број ќе знае нешто за татко ми, бидејќи Македонија е мала земја, луѓето се познаваат. Се плашам само од тоа како ќе реагира татко ми, доколку го најдам, дали ќе сака да седне на маса со мене, дали ќе сака да разговараме… Сепак, јас сум негова крв и мислам дека и двајцата заслужуваме да се најдеме, раскажува Серафимовска.

Таа живеела со своето семејство во Охрид, а со својата биолошка мајка одржувале контакт. Имала убав и среден живот, но во себе чувствувала голема горчина и и недостигал еден дел. Вели дека доколку го најде татко и, без разлика на тоа како ќе се одвива нивниот однос во иднина, ќе и се смири душата и ќе може нормално да продолжи со својот живот. (Крај)

извор: Фокус фото: Фокус

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави