Забава Избор

Eксплозија на селектирана и позитивна енергија на бродот Галеб со Room 313

Охрид, 20. јули 2016 (ОХРИДПРЕС) – Промотерската асоцијација Room 313 крие многу интересна приказна. Да, станува збор за соба, собата 313 во студентскиот дом Кузман Jосифоски – Питу. Од таму започнува приказната која денес Room 313 ги прави еден од водечките техно колективи кои ја предводат клубската сцена во Македонија.

Цимерите на оваа соба се вљубени во техно звукот. Решиле да прават приватни забави во собата со број 313. Подоцна магијата се шири и собата станува премногу мала, оти популарност на забавите станува се поголема.

Од тогаш собата 313 може да биде секој затворен или отворен простор, во скопски Капан Ан, Сектор 909, Лектира кабаре (Битола), TakeFive (Прилеп), Индустриал (Струмица), БудаБар (Виница) итн.

Приказната за собата 313 веќе не е исклучиво македонска. Квалитетниот гемански техно стил кој го милуваат во своите сетови, им ги отвори вратите не германските клубови, каде се чести гости.

После настапот на LakeAwake на Д Фестивал во Дојран, членовите на Room 313, Александар Митрик, Александар Самарџиски и Љупчо Тодороски – ЛТX собата 313 ја селат во Охрид, на бродот Галеб.

Супер радио разговараше со еден од креаторите на приказната Room 313 техно диџеот Александар Митрик.

Супер радио: Настапувавте во Дојран на Д Фестивал. Кажете ми како беше таму? Сцената, звукот, публиката и атмосферата, какви се импресиите?

Митрик: Настапивме втората вечер на LakeAwake заедно со BTKRSH, de:sonanz и MKDSL. Бев пријатно изненаден од тоа како изгледа и како звучи стејџот. Samardziski ја отвори вечерта, следеше LTX, па некаде после полноќ се надоврзав и јас. Имаше голем број на посетители кои уживаа и танцуваа на LakeAwake се до утринските часови. Прекрасно е чувството да го водиш сиот тој подиум кога се осеќа дека се конектирани сите битни детали за добра журка: добар звук, добри светла, одлична музика, разиграна публика, фестивалска слобода итн. Навистина сме среќни што имавме шанса да бидеме дел од сета таа организација.

13720410_10209938790485413_1603110313_o

Супер радио: Ви се погодија настапите во градови покрај езеро, покрај вода. Седум дена после Д Фестивал настапувате во Охрид, веројатно за прв пат на подиум кој е во движење?

Митрик: Навистина ни тргна ова лето со настапи покарај вода, на 23.07 собата 313 ја преместуваме во Охрид, на бродски подиум или бродиум како што вика Samardziski :)  Тоа ќе биде наше прво искуство за настан од таков карактер и навистина со нетрпение го очекуваме. Фактот што е лимитиран бројот на посетители на овој настан на 150 и тоа што само вистинските љубители на нашиот звук ќе присуствуваат, ни дава до знаење дека ќе се случи експлозија на позитивна и селектирана енергија.

Супер радио: Вашата приказна навидум звучи многу едноставно. Некој ќе рече Ви се наредиме коцките, но што сметате дека е клучно за еден артист или еден колектив да успее да се пробие во македонската електронска сцена?

Митрик: Нашата приказна е едноставна и природна, работите си доаѓаат сами по себе, но за да сето ова се одвива по таков пат е потребна голема љубов и многу работа. Најбитно е да имаш некој свој шмек што ќе те прави оригинален и различен од другите, тоа сигурно нема да остане незабележано од публиката. Во Македонија си патиме од несигурност во артистите кои ги имаме, чекаме тие да успеаат некаде настрана, па да ги задолжиме со активности тука. Сакам да кажам, ако сакаш да успееш кај нас, првин мораш да успееш некаде низ светот :)

13816943_10209938787045327_1397800218_n

Супер радио: Како би ја опишал музиката која ја селектираш за твоите сетови?

Митрик: Од самиот почеток на нашите настани се трудиме да ја испитуваме публиката како реагира на секој од техно стиловите кои ние ги вртиме. Со тоа си имаме направено визија како треба да се одвива еден сет, каде треба да ги доживее своите екстреми на максимум и минимум. Во моите сетови може да се чуе ладен и тврд техно звук,атмосферски и асид мелодии кои на моменти добиваат кратки вокали, преку кои ја пренесувам пораката на публиката. Не користам микрофон да им кажам да креваат раце горе, сами си знаат кога.

Супер радио: Настапувате низ клубови во Македонија и најразлични фестивали. Тоа значи дека може добро да ги опсервирате состојбите во Македонија од аспект на сцената која е Ваша преокупација?

Митрик: Си имаме наша публика која неуморно не следи каде и да сме, да не беше таа немаше да бидиме ни ние. Голема благодарност до сите тие екипи. Во последниве година дена се осеќа како техно сцената е живната и се повеќе добива на свој раст, но имаме уште многу да се работи да дојдеме до степен на сцена, на пример каква што имаат нашите комшии Србија, Бугарија, Грција. Низ повеќето македонски дискотеки преовладува лоша музика, незнам кој е тука одговорен , дали сопствениците на локалите и нивните десни раце-менаџерите или самата публика. Моето мислење за тоа е дека сопствениците и менаџерите се тие кои треба да го водат ноќниот живот и да ја диктираат програмата. Нека си стават прст на глава за каде сме со такви нитрофолк програми?! Секоја чест на исклучоците, ги има и такви кои се грижат за алтернативната култура!

Супер радио: Како се случи да соработувате со германски клубови? Ако претходно прашувавме што е потребно да се успее тука, сега не интерсеира вашето мислење што е потребно за да се пробиеш надвор од Македонија?

Митрик: Нашата инспирација потекнува токму од германските рејв журки и митовите за берлинските клубови како што се Berghain и Tresor. На наша среќа имавме шанса да ја осетиме тамошната сцена од позиција на диџеј. Најпрво имав настап во Siegen, бев букиран преку колективот Phonophil, кои македонската публика имаше шанса да ги чуе во Скопје и Битола. На вториот настан кој се одржа Jena, бевме букирани заедно со LTX од страна на Јенскиот колектив Inkognito. Да се успее на нивна сцена е потребно да имаш навистина префинет вкус за подземно и тврдо техно со што би успеал да ги размрдаш посетителите на клубовите.

13820835_10209938787245332_382662383_n

Супер радио: Кој е диџејот на кој се восхитуваш и кој е настанот кој ти е број еден. Не прифаќаме одговор сите ми се драги. Мора да има еден кој е најгоре на врвот?

Митрик: Моите омилени диџеи и продуценти се менуваат од време на време. Во моментов најголемо влијание имам од артисти како Oscar Mulero, Zadig, Keith Carnal, Rodhad и Bleak. Како настан број 1 би го издвоил настанот во Јена, заедно со LTX. Вечерта ја отвори Doc.Fish во 11h, следевме поединечно со LTX, со по 90 минутен сет, после нас имавме чест да го слушаме Klangkrieger и на крај ја затвориме журката со 3 часовен b2b сет со LTX, кој се случи по желба на публиката. Настанот заврши во 9 часот наутро, со истиот број на посетители како што почна. Неверојатно е колку многу сакаат и уживаат во техно.

Супер радио: Планирате да основате букинг агенција и сопствена издавачка куќа?

Митрик: Тоа е план кој го имаме со колективите од Германија, сакаме сите да се споиме во едно и да се пробиеме на тамошната сцена. Има големи шанси сето ова да успее, бидејќи сите сме со иста пасија и целосно се вложуваме кога се работи за техно настани и квалитетна музика. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Room 313

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука