Фронт 21/42: Со неразумното градење, Охрид е на само еден чекор од бришење на УНЕСКО статусот
Охрид, 21. јули 2016 (ОХРИДПРЕС) – Имајќи го предвид фактот дека имаме само едно УНЕСКО подрачје во Македонија, а тоа е Охрид и тоа со двојна титула, се наоѓаме во ситуација не да говориме како да внесеме и други места под УНЕСКО, туку се соочуваме за жал, со можно губење на статусот на единственото, а тоа е Охрид, вели Александра Бујароска, правник, претставник на Граѓанската иницијатива Фронт 21/42.
На вчерашната презентација во Охрид на почетокот на кампањата „Едно е! Вредно е!“, присуствуваа бројни млади активисти од Охрид. Бујароска е исто така и екологист и љубител на природата, па од таа гледна точка го пренесе гласот на дел од младите, кои се свесни за можното губење на статусот на Охрид како културно и природно наследство под УНЕСКО и дел од Охрид-Преспа, природен биорезерват.
– Ние како екологисти бевме згрозени од најавите и плановите за повторно градење во Охрид, кое не е дел од одржливиот развој, а се планирани да се имплементираат на ова подрачје. Тоа се проектите за ски центарот, проектите за патот, потоа проекти за една серија на туристички развојни зони од типот на Субрата Рој, туристички комплекси со медитерански плажи, кои што подразбираат навлегување во самото езеро со бетонски платформи. Досега експертите кои работеа на анализа на овие проекти, излегоа со еден став, дека ќе не’ чини УНЕСКО, самиот статус УНЕСКО. Во истата насока се одрази и Комитетот при УНЕСКО на 40-то Собрание, со искажување на сериозна загриженост, барање на некој начин на суспензија на овие проекти и она што е најстрашно е последната одлука и се однесува на тоа дека со исполнувањето на овие проекти, Охрид ќе влезе во листата на подрачја, кои се загрозени, а тоа е само еден чекор од бришењето на УНЕСКО статусот, објасна Бујароска.
Кампањата во која луѓето можат да ги дадат предлози започна на терен од Охрид и продолжува во останатите градови, додека преку страниците на социјалните мрежи и форуми на Фронт 21/42 и „Еко – свест“ и досега можеа да се оставаат коментари и граѓаните да се потпишуваат на петицијата за повлекување на планираните проекти. Досега петицијата има над 15 илјади потписи на граѓани не само од Македонија, туку и од целиот свет.
Кампањата ќе трае до февруари 2017 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |